Италијанската „Тијатек“ доаѓа во Македонија - отворање на 200 нови работни места

Првиот човек на македонската Влада и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на вечерашниот митинг во Скопје најави нова инвестиција во Македонија.

-Вечерва почитувани присутни среќен сум што имам можност да ви соопштам уште една убава вест. Пред малку добивме официјална дозвола за објавување на информација од италијанскиот гигант во индустријата за машини за печатарска индустрија “Тијатек“ дека одлучиле за изградба на нивна фабрика во зоната во Скопје која ќе има директни 200 вработувања и голем број индиректни вработувања. Денеска и тие го објавиле тоа на својата страна. Благодарам за поддршката зашто без вас ова немаше да се случи, истакна Груевски.

Борбата продолжува, целите се исти, рече вечерва премиерот. Силна Македонија, просперитетна Македонија, Македонија која ќе отвора нови работни места, ќе гради и ќе се грижи за своите граѓани.

-Нашата задача беше тешка, а беше дополнително отежната од економската криза и должничката криза. Тоа е сурова реалност. Кога дојдовме во Владата невработеноста беше 38% и илјадници семејства страдаа. Се зафативме со битката и успехот е видлив. До денес невработеноста е намалена за 10 процентни поени. Дали е доволно? Не. Може ли подобро? Да. Помошта да се создадат 120.000 работни места во 7,5 год е потврда за напорната работа на сите граѓани.  Се обврзувам дека во текот на следниот мандат ќе работиме на создавање на нови 64.000 работни места. Ова ќе значи намалување на невработеноста за дополнителни 6 процентни поени, истакна Груевски.

Тој најави прецизна агенда за овие нови работни места.

-Напорно ќе работиме на поддршка на бизнисите во Македонија, ќе обезбедиме поволности за вработувања, особено на младите кои сакаат да работат. Ќе продолжиме со привлекување на странски инвестиции, што покажува на светот дека Македонија е отворена за бизнис и да ја одржиме економски силна, рече македонскиот премиер.

06.04.2014 - 10:37
Фото: 
MIA

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега