Груевски: Програмата ја подготвувавме со идеи и пресметки на граѓани и експерти
Тешко се стекнува доверба, а лесно се губи. Затоа новата програма ја подготвувавме многу внимателно, рече претседателот на македонската Влада, Никола Груевски најавувајќи ја вечерашната промоција на програмата за парламентарните избори.
Премиерот информираше дека програмата опфаќа 2046 проекти кои ќе и овозможат на Македонија да напредува. Груевски откри дека на составувањето на новата програма работеле со експерти и граѓани.
-Програмата ја подготвувавме со пресметки, многу собрани луѓе, експерти. Собиравме многу идеи од сите страни, од граѓани, од експерти од Македонија и странство. По многу анализи ја составивме таа програма со 2046 проекти за граѓаните на Република Македонија. Ние знаеме дека најголем проблем во Македонија е економијата и невработеноста. На тоа сме најмногу насочени и до сега и ќе останеме најмногу фокусирани во идниот период, истакна Груевски.
Програмата ќе биде промовирана вечерва на централниот митинг кој е закажан за 20 часот на скопскиот плоштад „Македонија“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа