Уште 524 македонски државјани ќе се најдат на Избирачкиот список за Тирана

Согласно решенијата на Управниот суд, Државната изборна комисија ќе впише 524 македонски државјани во посебниот Избирачки список за Тирана за гласањето за предвремените парламентарни избори закажани за 27 април.

ДИК на денешната седница ги констатираше решенијата на Управниот суд. Овие 524 пријавени за гласањето во Тирана во рок од 24 часа откако ДИК го одби нивното барање, до Управниот суд доставиле тужби. ДИК на затворена седница во неделата ги одби барањата на 639 лица пријавени за гласање во Тирана, со образложение дека немале целосна документација, кое подоцна беше објавено на нивната веб-страна.

- Овој преглед што денеска се наоѓа пред покажува дека бевме во право ние што бевме за запишување на овие лица во единствениот Избирачки список во Тирана. Станува збор за луѓе кои имаа уредно доставено своја документација, рече членот на ДИК Влатко Сајковски.

Според потпретседателот на ДИК, Субхи Јакупи судиите од Управниот суд кои ги донеле овие решенија треба да бидат дадени пред Судскиот совет и се иззема од констатирањето на решенијата на судот. Тој смета дека лицата кои поднеле пријава за гласање во документите немале впишано улица, број и општина во Македонија. Првпат, рече тој, решенијата на судот треба да бидат во прилог на посебниот извод од Избирачкиот список во Тирана.

Сашо Срцев, пак, истакна дека ставањето на решенијата во прилог на ИС не е одлука на судот туку дека така предвидува Изборниот законик.

Претходно, Сајковски бараше посебната точка на дневен ред за решенијата на Управниот суд за Тирана да биде тргната, но мнозинството гласаше против тоа. Тој и неговите колеги Срцев и Анета Стафеновска, сметаа дека решенијата треба да се констатираат во рамки на делот од седницата посветен за ИЕ во дијаспората.

ДИК попладнево повторно ќе расправа за пријави од Тирана, кои потпретседателот Јакупи предложи да се разгледуваат поединечно. Пријавени се уште 165 македонски државјани за гласање, 152 од нив се прифатени, а 13 одбиени.

На седницата беше соопштена и последната бројка од 3.078 пријави од Дипломатско - мконзуларните претставништва за гласањето на парламентарните избори. Од нив 170 се одбиени по основ дека не ги исполнуваат условите, и 100 ги нема во Избирачкиот список.

На седницата ДИК го усвои и упатството за гласање на предвремените избори, во кое се наведени и унструкциите за обележувањето со видливо мастило. Упатството ќе биде огласено пред секое избирачко место.

За транспортни трошоци на општинските изборни комисии и избирачките одбори, за спроведување на изборите за претседател и на предвремените парламентарни избори ДИК ќе одвои пет милиони и 564 илјади денари.

05.04.2014 - 15:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега