Истекува рокот за пријавување на болните и изнемоштените кои сакаат да гласаат на избори

На полноќ истекува рокот за болните и изнемоштените лица кои сакаат да гласат во домашни услови за претстојните претседателски и предвремените парламентарни избори.

Според заменик-претседателот на Општинската изборна комисија (ОИК) - Штип Маре Каранакова, кај болните и изнемоштените има интерес за искористување на гласачкото право.

- Сите што се пријавиле или ќе се пријават до вечер на полноќ ќе имаат право да гласаат на 27-ми април. По претседателските избори, по 13-и април, ќе донесат само известување дека ќе го користат повторно истото право да гласаат во домашни услови на 26-ти април, додека медицинската документација тогаш не е потребна. Нови пријавувања на болни по претседателските избори нема да примаме согласно законот, вели Каранакова.

Еден ден пред изборите гласаат и лицата на кои им е одреден домашен притвор и осудениците во Затворот во Штип. Новина е и што избирачките одбори на овие избори ќе имаат два избирачки списока, еден за граѓаните кои живеат во земјава, а вториот за иселените во странство кои не се пријавиле да гласаат во македонските дипломатски преставништва.

Во Штип со право на глас на 80-те избирачки места се 39.903 лица, на избирачкиот список за иселените има 1.796 избирачи, во Свети Николе со право на глас се 15.092 , а во Карбинци 3.189 гласачи.

05.04.2014 - 14:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега