Обезбедени над 20 милиони евра за ИКТ иновации на микро, мали и средни компании

Обезбедени се повеќе од 20 милиони евра за поддршка на старт-апи, спин-офи и комерцијализација на иновации на микро, мали и средни компании, информираше денеска заменик-министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска при отворањето на првиот Google семинар во Македонија.

Заменик-министерката подвлече дека Владата е целосно посветена на промовирањето вакви настани, а преку различните програми и Скиллс проектот на Светската Банка кој почна да се реализира, во наредниот период ќе даде уште поголем придонес преку финансиска поддршка.

- Очекуваме ИТ компаниите и програмерските куќи да бидат меѓу најголемите корисници на овие средства, истакна Арсовска-Томовска, осврнувајќи се и на проектот „Девојките во ИКТ”.

Денешниот настан, рече таа, е првиот во низата од предвидените четири кои ќе се организираат овој месец во партнерство со овој проект кој има за цел да го подигне интересот кај младите луѓе, особено кај девојките, за кои се смета дека се недоволно застапени во информатиката, а истовремено да ја промовира важноста за почнување кариера во областа на ИКТ и компјутерското инженерство.

- Денес, благодарејќи на разбирањето на организаторот и на организаторките, кои и самите се „девојки во технологијата”, овозможивме студентки од македонските ИТ факултети да бидат дел од овој семинар, посочи Арсовска Томовска.

На првиот Google семинар учесниците имаат можност да се запознаат со последните тенденции во он-лајн маркетингот, рекламирањето и андроид програмирањето.

MИА

05.04.2014 - 13:46
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега