ВИДЕО: МВР продолжува да “копа“ - еве што откри за шверцот на цигари од Македонија во Бугарија

 

МВР продолжува со активностите за целосно расчистување и документирање на криминалoт на организираната група криумчари, која беше разоткриена на први април, во обид нелегално да пренесат поголема количина цигари од Македонија во Бугарија.

Како што информираше денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, полицијата ги открила гаражите каде биле полнети возилата со цигари.

- На тие места биле вршени и модификациите на возилата за да бидат сокриени цигарите, а при преземените дополнителни дејствија утврден е и начинот на работење како и хиерархиската структура на оваа група. Освен овие факти важни за натамошната постапка, откриени се и одземени и дополнителни количества цигари подготвени за криумчарење во соседна Бугарија. Од извршените претреси во спорните објекти беа пронајдени уште вкупно 790 кутии цигари, од кои 730 од марката „Мерилин“ и 40 кутии од марката „ЛД“,  две патнички и две теренски возила, 14 патрони за ловна пушка, како и телефонски апарати, сим картички и тефтер за евиденција за должничко-доверителски односи на физички лица, објасни Јанкулоска на денешната прес-конференција. 

Од преземените мерки, објасни таа, утврдено е дека групата започнала со криминални активности во 2012 година, а нејзини организатори се три лица од кои едно од Крива Паланка, едно од село Драмче и едно од село Копаница. Тие, сакајќи нелегално да заработат пари, ја организирале криминалната група за криумчарење акцизна стока-цигари од Македонија во Бугарија, односно нелегално пренесување на цигарите преку граничната линија користејќи ги легалните премини и т.н „диви премини“ на зелената линија кон државната граница со Бугарија, вклучувајќи ги во групата и другите четири лица во различните фази на нивното криминално делување. 

-Сите тие делувајќи организирано со посебни задолженија во посочениот двегодишен временски период организирале повеќе транспорти, односно криумчарење на акцизна стока–цигари од Македонија во Бугарија. Тоа го правеле на тој начин што по претходен меѓусебен договор и договор со засега непознати бугарски државјани, најпрво на посебни локации полнеле возила со бугарски национални ознаки со цигари, со и без акцизни маркици. Притоа речиси секогаш користејќи по две возила, од кои едното задолжено за обезедување на возилото со кое се пренесувале цигарите, а потоа ги транспортирале во Бугарија, информираше денеска Јанкулоска.

Од досега превземените мерки и активности утврдено е дека членовите на оваа криминална група за периодот од 2012 до 2014 година организирале пет транспорти на акцизна стока цигари од Македонија во Бугарија, односно прокриумчариле вкупно 34.450 кутии цигари од марките „Трокадеро“, „Јорк“ и „Мерилин Слим“, заработувајќи вкупно 5.300.000 денари.

Првиот транспорт го извеле на 16.04.2012 година кога двајца од организаторите на групата набавиле 3.500 кутии цигари од марката „Мерилин Слим“ и „Трокадеро“, кои со ПМВ „БМВ“ со бугарски ознаки се обиделе да ги прокриумчарат во Бугарија, но биле запрени од бугарската полиција и против едно лице организатор, по кое се уште се трага, била поднесена кривична пријава во Бугарија. 

На 07. февруари годинава, бугарската полиција запленила вкупно 9.500 кутии цигари кои членовите на оваа криминална група користејќи автомобил „Лада“ и автомобил „Опел Омега“, со бугарски ознаки успеале да ги прокриумчарат во Бугарија преку зелената линија на македонско бугарската граница. Од страна на бугарската полиција биле забележани во атарот на селото Брестово, Бугарија, но иако полицијата се обидела да ги запре, тие успеале да побегнат. По извршени проверки за „Ладата“ утврдено е дека истото го управувал токму веќе пријавуваното лице во Бугарија.

На 21 и 28. март годинава со возило марка „Пежо 306“ караван со бугарски регистарски таблички во Бугарија успеале да прокриумчарат вкупно 1.280 кутии цигари од марката „Мерилин Слим“ кои во близина на Ќустендил, Р.Бугарија ги предале на лице бугарски државјанин.

-Сепак, на први овој месец при обид на членовите на групата да пренесат акцизна стока-цигари во Р.Бугарија со ПМВ „Форд Експлорер“ со бугарски ознаки, во близина на с.Панчарево, Делчево, присилно се сопрени од страна на наши полициски службеници при што во возилото се пронајдени вкупно 19.480 кутии цигари од марките „Јорк“ и „Мерилин Слим“. Лицата во моментот на сопирањето се дале во бегство, но по преземени полициски мерки, истите се пронајдени и лишени од слобода, објасни денеска Јанкулоска.

Инаку, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, по извршената заплена на акцизна стока-цигари на први овој месец на вкупно 19.480-те кутии цигари, под раководство на ЈО од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и по дополнително обезбедени криминалистичко-разузнавачки информации и Наредби за претрес од надлежен Судија за претходна постапка, изврши вкупно 15 претреси во дом и други простории на подрачјето на Крива Паланка и Делчево.

-Досега до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, поднесена е кривична пријава против седум лица на возраст од 22 до 30 години, од кои петмина од Крива Паланка а по еден од село Драмче, делчевско и село Копаница, кривопаланечко. Тие се сомничат за кривичните дела – “злосторничко здружување“ и “криумчарење“, рече министерката. 

Судија за претходна постапка на петмина од пријавените им изрече мерка притвор во траење од по 30 дена.

05.04.2014 - 12:23

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега