ВМРО-ДПМНЕ најавува нови 64.000 работни места

Отворање на нови 64.000 работни места предвидува новата програма која владејчката ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија вечерва ќе ја промовира на големиот народен собир на плоштадот Македонија во Скопје. Според информациите до кои дојде Press24 од партиски извори, фокусот на програмата која содржи 2046 нови проекти е токму на економијата и создавање на нови работни места. 
Премиерот Груевски уште вчера во Куманово рече дека ВМРО-ДПМНЕ подготви досега најквалитетна програма

„Се им прифативме. Затоа изминативе денови молчиме, не зборуваме ништо конкретно за она што ќе го понудиме за Македонија за наредните 4 години. Но, драги пријатели, не делат уште 24 часа кога утревечер на скопскиот плоштад ќе ја промовираме новата програма за наредните 4 години.  Програмата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“. Само уште 24 часа и народот ќе може да види какви сериозни и крупни проекти се планираат за наредните 4 години. Нови 2046 проекти во програмата ќе можете да ги видите од утре па натаму.  Од утре ќе почнеме да разговараме со конкретни работи, со конкретни дела. Тука е нашата сила. Тука е нашата моќ“, рече Груевски.

Тој истакна дека со СДСМ се разликуваат во најмалку 2 работи- дадениот збор и квалитетот на програмата за развој на Македонија.

 

-Тешко се стекнува доверба, а лесно се губи. Затоа програмата ја подготвувавме многу внимателно. Со пресметки, многу собрани луѓе, експерти. Собиравме многу идеи од сите страни, од граѓани, од експерти од Македонија и странство. По многу анализи ја составивме  таа програма со 2046 проекти за граѓаните на Република Македонија. Ние  знаеме дека најголем проблем во Македонија е економијата и невработеноста. На тоа сме најмногу насочени и до сега и ќе останеме најмногу фокусирани во идниот период, рече Груевски.

05.04.2014 - 12:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа