ВМРО-ДПМНЕ најавува најдобра програма досега - 2046 проекти и 64.000 нови работни места

Претседателот на македонската Влада, Никола Груевски вчера најави дека ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори ќе понуди и ќе излезе со досега најдобрата програма, која содржи нови 2046 проекти и креирање на 64.000 работни места.

Програмата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ ќе биде промовирана на централниот митинг кој ќе се одржи вечерва во 20 часот, на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

-Драги пријатели, не делат уште 24 часа кога утревечер на скопскиот плоштад ќе ја промовираме новата програма за наредните 4 години.  Програмата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“. Само уште 24 часа и народот ќе може да види какви сериозни и крупни проекти се планираат за наредните 4 години. Нови 2046 проекти во програмата ќе можете да ги видите од утре па натаму.  Од утре ќе почнеме да разговараме со конкретни работи, со конкретни дела. Тука е нашата сила. Тука е нашата моќ, рече премиерот Груевски на синоќешниот митинг во Куманово.

Премиерот подвлече дека со СДСМ се разликуваат во најмалку 2 работи - дадениот збор и квалитетот на програмата за развој на Македонија.

-Тешко се стекнува доверба, а лесно се губи. Затоа програмата ја подготвувавме многу внимателно. Со пресметки, многу собрани луѓе, експерти. Собиравме многу идеи од сите страни, од граѓани, од експерти од Македонија и странство. По многу анализи ја составивме  таа програма со 2046 проекти за граѓаните на Република Македонија. Ние  знаеме дека најголем проблем во Македонија е економијата и невработеноста. На тоа сме најмногу насочени и до сега и ќе останеме најмногу фокусирани во идниот период, истакна вчера Груевски.

Премиерот Груевски ја најави програмата, оценувајќи ја како како најдобра и најквалитетна програма промовирана било кога во Македонија. СДСМ, како што рече, никогаш немале програма, па мора да се споредуваме со нашите.

05.04.2014 - 11:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега