Милер подготвува нова резолуција за Македонија
Aмериканскиот конгресмен која претседава со групата за пријателство со Македонија, Кендис Милер најавува нова резолуција за поддршка на приемот на Македонија во НАТО. Резолуцијата доаѓа откако 40 конгресмени упатија писмо до државниот секретар на САД Џон Кери, во кое побараа прием на Македонија и Црна Гора во НАТО на самитот во Британија во септември.
- Македонија беше една од првите земји кои и понудија на САД поддршка по нападите на 11 септември, лојален и ефикасен член на меѓународните безбедносни напори и е повеќе од достоен кандидат за членство во НАТО.
-Од 1993 година, Македонија беше посветена на приемот во НАТО, и нејзините војници служат заедно со војниците на НАТО на војните полиња низ светот. Тоа е горда нација која ги дели нашите вредности и посветеноста кон слободата и демократијата. Затоа, како претседавач со Групата за Македонија и македонските Американци во Конгресот, истакнувам дека Македонија придонела и придонесува кон НАТО и силно го поддржувам нејзиниот прием во меѓународните безбедносни организации, стои во соопштението на конгресменката Милер објавено вчера, по повод најавата на новата резолуција до Конгресот која се очекува да биде претставена наскоро.
Републиканката од Мичиген, Кендис Милер неодамна се обрати на собирот во Конгресот, организиран заедно за промовирање на кандидатурата на Македонија, Црна Гора, Босна, Грузија и Косово за прием во НАТО, односно за отворање на процесот МАП и прием во програмата Партнерство за мир. Повиците за реактивирање на проширувањето на НАТО зачестија во САД по почнувањето на кризата во Украина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа