Жителите од Кривопаланечко си добија нови автобуски постојки

На иницијатива на месното население од повеќе населби во кривопаланечките села Конопница и Тлминци изградена е автобуска постојка за потребите на жителите од овој крај.

Работите за обновување на локацијата траеја скоро два месеца, а како што изјави Стојанче Ѓошевски, еден од иницијаторите за нејзината изградба истата ќе биде од голема важност за мештаните. 

- Нашите заложби да се направи постојка за жителите кои овде чекаат превоз да седнат и да одморат, вродија со плод. Вложивме сопствени средства, со здружени сили на месното население од повеќе маала во село Конопница и село Тлминци. Најпрвин се обративме до јавното комунално претпријатие за приклучок во водоводниот систем бидејќи сакавме да поставиме чешма, информираше иницијаторот за изградбата, Ѓошевски, жител на село Конопница.

Директорот на комуналното претпријатие Крива Паланка, Томе Тодоровски, истакна дека за да се постави чешмата на автобуската постојка, месното население поднесе барање до претпријатието за дозвола за нејзина изградба. - Откако нашиот стручен тим процени дека се обезбедени услови за нејзина изградба, го одобривме нивното барање, рече Тодоровски.  

Покрај поставената чешма обработена со украсен камен, изградена е лимена конструкција на постојката и се поставени две клупи на веќе постојна одредена локација за автобуска постојка крај магистралниот пат Крива Паланка-Куманово.

Ѓошевски апелираше до другите жители од околните места во кривопаланечко да го следат нивниот пример, заеднички и самоиницијативно да се организираат за подобрување на условите за живеење во нивните села.

Од ЈП „Комуналец“ од Крива Паланка ни потврдија дека учествувале во реализацијата на овој проект и дека се задоволни од тоа. 

04.04.2014 - 17:31

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега