Морбилите земаат замав - меѓу заразените и петмесечно бебенце

Педесет лабораториски потврдени, епидемиолошки и клинички поврзани случаи и три сомнителни случаи на мали сипаници се регистрирани од почетокот на прогласувањето на епидемијата досега. За ова денеска информираше раководителот на одделението за епидемиологија при Центарот за јавно здравје Скопје, Лилјана Лазаревска.

Според Лазаревска, се поголем е интересот кај граѓаните за вакцинација, поради морбилите кои земаат замав.

- Мерките кои Центарот за јавно здравје Скопје заедно со Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство и Здравствениот дом Скопје ги преземаат се засноваат на засилен епидемиолошки надзор, епидемиолошко истражување на сите лабораториски потврдени сомнителни случаи на морбили, посочи Лазаревска, додавајќи дека 38 лица (72 отсто) не се вакцинирани, пет лица (9,4 отсто) не подлежат на вакцинација, односно се помали од 13 месеци, четири лица (7,5 отсто) немаат податок и шест лица се вакцинирани со една доза на МРП.

Според возрасната структура од 50 потврдени случаи 35 лица или 66 отсто се на возраст од 19 до 43 години, 17 лица се на возраст од нула до четири години и едно лице е на возраст од 15 години. Од почетокот на епидемијата досега хоспитализирани се 35 лица. Во моментот 11 лица се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби меѓу кои едно бебе од пет и пол месеци.

Одговорајќи на новинарско прашање рече дека има зголемен интерес за вакцинација и додаде дека вчера направиле контрола во Поликлината Ѓорче Петров, според која, процентот на вакцинирани е зголемен за 10 отсто во однос на февруари.

04.04.2014 - 14:16

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега