Јанкулоска: МВР е подготвено и за парламентарните избори

Оперативниот штаб на МВР  за изборите е целосно во функција и досега постапуваше по однос на сите активности поврзани со претседателските избори односно со првиот круг.

Ова го истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, по денешниот состанок во Оперативниот штаб во пресрет на утрешниот почеток на кампањата за предвремените парламентарни избори.

Според проценката на МВР, предизборниот период се одвива мирно, кампањата тече во фер и демократска атмосфера.

- Од утре преминуваме на поинаков начин на организација бидејќи парламентарните избори значат дополнителен обем за работа на МВР. За да се покрие целата територија на Република Македонија на еднаков начин, целокупниот состав на МВР ќе биде ставен во функција за мирно одржување на изборите, рече денеска министерката Јанкулоска.

Министерката потенцираше дека за справување со изборниот процес се обучени седум илјади полицајци. Тие добиле соодветни прирачници, а веќе се направени распоредите кој полициски службеник каде ќе биде распореден на денот на изборите, за да им се овозможи на изборните органи благовремено да ги контактираат и да се координираат.

Во рамки на активностите поврзани со претседателските избори одржани се 67 митинзи и 33 средби со граѓани, а на овие настани, проценува МВР, учествувале околу 115 илјади граѓани. За потребите на нивното обезбедување биле ангажирани 800 поициски службеници.

- Успеавме да ги покриеме сите организирани настани, кои поминаа во најдобар ред. Немаше нарушувања на јавниот ред и мир поврзани со претседателската кампања, немаше ниту инциденти, рече Јанкулоска.

Освен главниот Оперативен штаб за изборите 2014, објасни министерката, на ниво на Сектори за внатрешни работи се формирани регионални оперативни штабови, а во наредните неколку дена ќе се направи дополнителна координација и со Јавното обвинителство бидејќи доколку се случат инциденти, постапката за нив е итна и согласно измените во Законот за кривична постапка. 

04.04.2014 - 12:57
Фото: 
MIA

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега