Светски ден на бездомните животни

Денеска е светски ден на бездомните животни. Ден кога ширум целиот свет се одржуваат акции за вдомување на бездомни животни и настани за подигање на свеста кај јавноста во однос на стерилизација / кастрација на милениците како хуман начин за намалување, па и целосно елиминирање на категоријата бездомни животни.

Во светот се проценува дека има приближно 600.000.000 бездомни животни,а само на територијата на Македонија има околу стотина илјади бездомни животни кои како и останатите од светот се осудени да „живеат“ со најразлични болести, изложени на екстремни временски услови, гневот и бесот на психички растроени поединци итн. Бездомните животни водат мизерен живот на улиците, очајнички борејќи се и за најмалата корка леб што ќе им се фрли и постојано се жртви на несовесни возачи.

Здружението за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“ ги повикува граѓаните да го одбележат денешниот ден така што ќе го кастрираат / стерилизираат сопствениот миленик, сеедно дали домашен или уличен, и ќе ги поттикнуваат и своите познаници и пријатели да го сторат истото.

Од здружението апелираат до граѓаните остатоците од своите дневни оброци да ги оставаат на места каде што гравитираат бездомни животни, но притоа да внимаваат местата да не бидат во близина на улица каде животните би биле изложени на опасност од автомобилите.

-Ги поттикнуваме и понатаму да го одржуваат здравјето на уличните миленици, така што ќе им обезбедуваат редовни вакцини и ветеринарни прегледи особено доколку се посомневаат во болест или какво било друго нарушување на здравствениот статус на животното. Ветеринарите во Скопје и ширум Македонија се отворени за соработка и обезбедуваат попусти за улични миленици. Им препорачуваме да вдомуваат, наместо да купуваат, бидејќи пријателството не се купува со пари, стои во соопштението од здружението „ЕДЕН“.

-Животите на бездомните животни, колку и да звучи неблагодарно, се во рацете на граѓаните, тие буквално зависат од нашата свест за нивната благосостојба и основните услови за живот кои им се неопходни. Затоа, ги повикуваме граѓаните на овој ден да излезат на улиците и да си подарат верен доживотен пријател – можеби тој ве чека токму зад аголот од вашата зграда или куќа, велат од „ЕДЕН“.

Доколку сакате да вдомите едно од овие животинчиња, јавете се на следните контакт телефони.

 

 

 

04.04.2014 - 12:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега