Учениците од Илинден ќе одат на пракса во Џонсон Мети
Општина Илинден и компанијата Џонсон Мети потпишаа Меморандум за соработка во областа на образованието, со кој англиската компанија за производство на катализатори ќе обезбеди практична настава и обука во сопствените капацитети за учениците од средното стручно училиште „Илинден“.
Со потпишувањето на овој меморандум, Општина Илинден, воведувајќи иновативен пристап во образованието, со цел збогатување на знаењата на учениците преку практична настава и обука, ја проширува соработката со локалниот бизнис сектор на полето на образованието, како една од најважните области за развој и фактор на модерен раст.
Вакви меморандуми за соработка со кои се овозможува подигнување на нормите, вредностите и стандардите во образованието, како и подобрување на квалитетот и ефикасноста на стручното образование во средното стручно училиште „Илинден“, Општината веќе потпиша со компаниите МЕПСО, Џонсон Контролс и Ван Хол.
Успешната соработка со бизнис секторот е дел од стратегијата на Општина Илинден за намалување на невработеноста, што е еден од приоритетите поради кој и се воведе средно образование кое што профилира кадри според потребите на локалната бизнис заедница.
Оваа практика од поодамна позната во светот, за прв пат во нашата земја се применува токму во Општина Илинден, благодарејќи пред се на добрата соработка на локалната самоуправа со стопанските субјекти.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа