Иванов: Ќе продолжам да го бранам државното единство на Македонија

Знам дека се соочивте со предизвик. Уште ја чувствувате направената неправда. Меѓутоа мора да продолжиме да ја градиме Македонија, да го градиме Кичево, како што стеблото се крепи на коренот, така и нашата иднина, иднината на Македонија се крепи на нашите темели. Кичево е вградено во темелите на Македонија, им порача на кичевчани претседателскиот кандидат на ВМРО - ДПМНЕ и на коалицијата „За подобра Македонија“, Ѓорге Иванов на вчерашниот митинг. 

Тој додаде дека е претседател на сите граѓани, независно од етничката, верската или која било друга припадност. Тоа го правев, подвлече, и ќе продолжам да го правам ако ја добијам повторно вашата доверба. Како претседател, рече Иванов, ќе го бранам државното единство на Република Македонија.

- Покажавме дека Македонија е зрела држава, дека носиме сопствени одлуки што ги бараат граѓаните на Република Македонија. Не сме мали за големи успеси! Успеси, кои ги постигнуваме на секое поле, и во дипломатијата, и во економијата, и во земјоделството и во инфраструктурата, и во спортот, и во културата, подвлече Иванов.

Успешно ги надминуваме предизвиците со кои се соочуваме и надворешните и внатрешните, посочи и истакна дека најголемот надворешен предизвик со кој се соочуваме како држава е блокадата од нашиот јужен сосед кој од нас бара да се откажеме од сопствениот идентитет. - Не дозволивме блокадите да не поколебаат на нашиот европски пат.  Ја градиме Европа во Македонија и ја интегрираме Македонија во ЕУ, нагласи Иванов.

Тој истакна дека со успех се гради иднина за Македонија.

- Тоа не дојде само од себе. Требаше многу работи да се преземат. Да се донесат многу закони, многу реформи, да се создаде амбиент економијата во Македонија расте. Кога расте економијата, се расте во државата. Расте производството, расте извозот. Растат пензиите, расте и социјалната помош, растат и стипендиите. Сè расте во државата, но само едно нешто опаѓа - опаѓа невработеноста. Од 2006 година кога дојде оваа млада гарнитура на власт во Македонија, предводена од Груевски,  отворени се 120.000 нови  работни места, рече претседателскиот кандидат на ВМРО - ДПМНЕ и додаде оти тоа е резултат на тимска работа.

- Кога се исти целите  и на претседателот и премиерот и министрите и градоначалниците. Тогаш Македонија напредува, рече Иванов.

Со чист образ, истакна Иванов, вечерва дојдов овде со сосема нова програма, бидејќи ние и во услови на криза имавме успеси. Направиме реформи, создадовме амбиент за да донесеме странски инвестиции, потенцира тој и посочи дека се постигнати успеси во секое поле.

Иванов најави дека до крајот на годината во Кичево ќе дојде нов инвеститор од автомобилската индустрија односно американска компанија која ќе вработи илјада луѓе. Покрај делницата на автопатот Кичево-Охрид, рече, се предвидува и реконструкција на патот Кичево-Дебар, а потоа и продолжување на железничката пруга до Албанија.

Иванов покажа како е да се биде претседател на сите граѓани во Македонија, рече Владимир Пешевски од ВМРО - ДПМНЕ и ги повика и македонските и албанските гласачи да излезат и да го поддржат Ѓорге Иванов.

- Кандидатот за претседател Иванов е човек со стабилен карактер, човек кој во својот кабинет има вработено луѓе од сите националности, човек кој немал националистички изјави или ставови, човек кој покажа како е да се биде претседател на сите граѓани на Република Македонија. Затоа и треба да се поддржи, рече Пешевски. 

Според него, на Македонија не и треба претседател кој само ќе се спротивставува на Владата затоа што доаѓа од друга политичка партија, не и треба претседател чија главна цел е својата политичка партија да ја донесе на власт. На Владата, на народот, истакна Пешевски, им е потребен претседател со кој ќе соработува. 

Во своето обраќање Антонио Милошоски се осврна на моментите кога бил министер за надворешни работи на Република Македонија. Тој говореше за моментот кога требаше да се поднесе тужба во Хаг против Грција и неговите консултации со Бранко Црвенковски, кој тогаш беше претседател на Република Македонија. Тој говореше и за протестите кои ги имале кичевчани и стружани против територијалната поделба во 2004 година и дека тогаш ја немале поддршката на СДСМ. 

04.04.2014 - 08:58
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа