Пешевски: На Владата и народот потребен им е претседател кој ќе соработува
За жал нашите политички опоненти од СДСМ политиката ја доживуваат на малку поинаков начин. Погледнете го нивниот тим. Исти луѓе, со ист начин на размислување, иста матрица наназад 20 години. Тоа се луѓе кои одобриле промена на името, кои одобриле територијална поделба, кои одобриле изборен фалсификат за да си остварат лични амбиции. Тоа се луѓе кои го блокираа Парламентот и носењето на буџетот само заради остварување на сопствена политичка моќ . Тоа се луѓе кои никогаш не излегле пред граѓаните со програма да кажат што ќе работат и не излегле со отчет да кажат што сработиле. Таков е тимот кој му се спротивставува на тимот на ВМРО-ДПМНЕ, на Никола Груевски и на Ѓорге Иванов.
Ова го истакна вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на митингот во Кичево, каде беше претставен кандидатот за претседател на Коалицијата за подобра Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов.
-На Македонија не и треба претседател кој само ќе се спротивставува на Владата затоа што доаѓа од друга политичка партија, не и треба претседател чија главна цел е својата политичка партија да ја донесе на власт. На Владата, на народот им е потребен претседател со кој ќе соработува, истакна Пешевски.
Вицепремиерот Пешевски говореше и за однесувањето на ДУИ и на дел од неговото партиско раководство.
-На самите избори претходеше една активност со која дел од раководството на ДУИ, во желба за нивна политичка моќ, а не на гласачите кои ги претставуваат, предлагаа кандидатот за претседател да биде консензуален. На прв поглед, за некој што не е доволно упатен, кога ќе употребите збор консензус, тоа значи нешто позитивно, но во реалноста тоа значи блокада, тоа значи дека дел од раководството на таа политичка партија треба да дава зелено светло на тоа кој ќе биде кандидат за претседател на Македонија. Тоа е несериозно однесување, потценување на народот и токму затоа ние не го прифативме. По неуспехот на оваа иницијатива сега повикуваат на бојкот на претседателските избори. Сега не се ставаат над другите политички партии, сега се ставаат над сите гласачи. Тие се спремни да предизвикаат политичка криза во државата, само за да ја демонстрираат својата сопствена политичка моќ. Затоа е многу важно, потенцираше Пешевски, гласачите да излезат во голем број.
Пешевски додаде дека Иванов покажа како е да се биде претседател на сите граѓани во Македонија и ги повика и македонските и албанските гласачи да излезат и да го поддржат Ѓорге Иванов.
-Кандидатот за претседател Иванов е човек со стабилен карактер, човек кој во својот кабинет има вработено луѓе од сите националности, човек кој немал националистички изјави или ставови, човек кој покажа како е да се биде претседател на сите граѓани на Република Македонија. Затоа и треба да се поддржи, додаде вицепремиерот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа