Иванов: Никогаш не сме дале лажни ветувања, остваривме се што кажавме

Добар ден Македонски Брод. Добар ден Колечани. Добар ден Македонијо, имате многу населени места во Македонски Брод. Не можам сите да ги спомнам, но добар ден за сите жители, од сите населени места во Македонски Брод.  Кога доаѓам во вашиот крај, повторно и повторно ми се потврдува чувството- колку е прекрасна нашата Македонија.

Вака кандидатот за претседател Ѓорге Иванов ги поздрави граѓаните на Македонски Брод на вечерашниот митингот.

-Имате недопрена и чиста природа, преубави шуми, пасишта, бистри водотеци. Овие потенцијали кои ги имате треба да се поттик, општината од најретко населена во Македонија, да ја направиме поубаво место за живеење, да ги задржиме младите, да им отвориме перспектива, да го зголемиме наталитетот. Затоа, не случајно, јас често доаѓам тука. Затоа, не случајно, оваа Влада инвестира толку многу во земјоделството. Може да се живее од земјата, од сточарството, од шумарството, од туризмот – рибарството, ловното стопанисување. Шумите, езерото Козјак, реката Треска со нејзините притоки, природата, се потенцијал кој го овозможуваат сето ова. Но, ништо само по себе не доаѓа.

Иванов потенцираше дека е потребна работа и заедничко дејствување, на локалните и централните власти.

-Потребни се луѓе кои знаат што ви треба, кои пред вас излегуваат со програма за развој, кои даваат отчет за тоа што го работат. Потребни се чесни, вредни и одговорни луѓе. Граѓаните сметаат дека јас и сите што дојдовме вечерва со Вас се такви луѓе. Последните четири месеци три пати доаѓам во Македонски Брод. Со задоволство ја прифатив и поканата за констенијадата. Затоа што ги почитувам традициите на нашиот народ. Ги почитувам оние луѓе кои си ги знаат обичаите. Знаат кој е нашиот идентитет и нашата посебност.

Иванов потсети дека во Македонски Брод бил и пред еден месец, да даде отчет за тоа што го работел изминативе пет години.

-Бев и пред месец дена да дадам отчет за се што сработив. Затоа што пред пет години, кога ја добив Вашата доверба, ја добив за програмата. И затоа во отчетот кажав дека се што беше во програмата се е остварено и повеќе од тоа. Сега сум повторно тука пред Вас, истиот оној што беше и пред пет години. Со чист образ, затоа што не ме промени политиката, останав истиот. Со нова програма, за нова доверба од Вас. Програма која има реални обврски да ја развиваме Македонија, да продолжиме да работиме во интерес на граѓаните на Македонија. Ние никогаш не сме кажале празни зборови, лажни ветувања. Се што сме кажале, се сме оствариле. И јас го правам тоа и премиерот, и министрите и градоначалниците, и резултатите се гледаат. Затоа, сега нема да зборувам за надворешната политика, за прашањето за името. Ги знаете моите ставови, тие се јасни и прецизни. Сум ги кажувал многу пати и дома и во странство. А ги напишав и во мојата програма.

Сакам да зборувам за нашето секојдневие, за она што го правиме да ја развиваме Република Македонија. Да се развива и земјоделието, и сточарството, и туризмот, да донесеме инвеститори, да отвориме работни места. Паметно да го користиме она што ни го дала природата. За да ги подобриме животите на сите што живеат во Македонија. За да има што да им оставиме на идните поколенија. Денес сакав да зборувам она што е направено тука и што се гледа. Што се е направено во Македонски Брод за инфраструктурното поврзување. Знаеме колку е значаен регионалниот пат за поврзување на Скопје, со Македонски Брод преку Поречието, делницата Коломот-Близнанско. Вредноста на проектот изнесува 595 милиони денари. Убеден сум дека ќе продолжи, ќе се комплетира реализацијата на овој проект, Ова е огромен проект за Македонија. Реконструиран е и регионалниот пат Прилеп-Македонски Брод во должина од 37км. Вредноста на овој проект, кој заврши 2011 година, изнесува 282 милиони денари. Само за три години, реконструирани се локалните патишта за село Долно Крушје, за село Зркле, патот Мала Река до село Калуѓерец, за селото Лупште и за селото Требовље. Обезбедени се средства за уште два локални пата, до село Звечан и до село Волче. Така се гради Македонија, со дела, а не со празни зборови.

Иванов истакна дека е посветено внимание и на социјално ранливите групи и потсети дека во тек е постапка за изградба на десет стана во Македонски Брод, наменети за вакви потреби.

-Во Самоков е отворен дневен центар за стари лица. Изградени се амбуланти во селото Локвица и во Манастирец. Но, многу се инвестира и во образованието, во младите. Изградени се спортски сали во средното училиште „Св.Наум Охридски“ како и во основното училиште „Св.Климент Охридски“. Изградено е и пуштено во употреба фудбалско игралиште. Тоа се резултати на локално ниво, кога на државно ниво расте економијата. Кога се што е вложено во земјоделието, земјоделието го враќа со извоз на македонски производи и храна. Кога се вложува во индустријата, кога се отвораат нови работни места, кога се зголемува извозот и се зголемува Буџетот за сите овие намени. Во последните години во Македонија се донесени 2 милијарди странски инвестиции. Тоа создава 120 илјади нови работни места. Тоа се работни места за младите. Тоа се работни места кои ги создава нашата, македонската економија. Странските инвеститори денес се најголемиот промотор на амбиентот што е создаден во Македонија за водење на бизнис, додаде кандидатот за претседател Иванов.

Иванов пред граѓаните на Македонски Брод истакна дека во општината околу 680 лица учествувале во активните програми и мерки за подобра пристапност за вработување, од кои околу 210 лица се директно вработени.

-Но не заборавивме и на земјоделците. Исплатени се 550 милиона евра за субвенции во земјоделието. Тие се поттик за работа на многу земјоделци. Тие се поттик за луѓето да се занимаваат со земјоделие, да не остануваат необработени површини. Може да се види дека и од земјоделието може добро да се живее. Затоа сите овие работи укажуваат дека се менуваат работите на добро во Македонија. Имаме промени на секој план. Е, тоа е успешна Македонија. Но, за тоа е потребно да се работи како тим. Затоа, ги поддржував сите проекти на Владата, на локалните самоуправи, кои доведуваа до подобрување на животот во Македонија. Македонија се сака со дела, со конкретни резултати. Македонија се сака кога сте посветени на иднината на Македонија. Но, тука не застануваме. Ја бараме Вашата доверба да продолжиме со успехот. Да продолжиме со успесите во Македонија кои ги гледаме и во спортот, и во културата, и во музиката и во образованието, и во науката на секој план. И навистина сме горди кога победуваат нашите спортисти. Навистина сме горди кога гледаме како не претставуваат нашите пејачи, нашите актери. Горди сме кога слушаме како луѓе од Македонија успеваат во меѓународни институции.

03.04.2014 - 20:59

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега