Јанакиески: Гласот за Иванов е глас за просперитетна и успешна Македонија

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешниот митинг во Македонски Брод, истакна дека она што го ветил актуелниот и кандидат за претседател Ѓорге Иванов пред пет години, го остварил, а воедно им покажал на многу посилни држави дека интересите на Република Македонија се најважни и пред се.

Во тој контекст Јанакиески сподели свои искуства во однос на соработката со кандидат за претседател Ѓорге Иванов.

-Со претседателот Иванов имав можност да соработувам на неколку проекти, а и во два наврати да бидам дел од негова делегација. Овде, пред сите вас сакам да истакнам дека Иванов заедно со мене, Пешевски, Ставрески и секако со премиерот Груевски, заедно со нашите тимови, овие лица се најзаслужни тоа што оваа година започна изградба на два автопати во Република Македонија и инвестиција од над 500 милиони евра, додаде Јанакиески.

Министерот Јанакиески, се осврна и на улогата која кандидатот за претседател Иванов ја имал во однос на привлекувањето на странски инвестиции. Ја напомена неговата голема улога и остварените контакти со кинеските и турските инвеститори, и денес како резултат на тие средби, интензивно се гради и се отвараат нови работни места за македонските граѓани.

-Јас ве уверувам дека во текот на оваа година ќе се вработат најмалку 1000 лица, кои ќе работат на изградба на авто-патиштата. Тоа беше и нашата цел кога работевме на овие проекти, прво да се изградат автопатиштата, второ да имаме економски развој, преку развој на градежништвото, но исто така да овозможиме работа на голем број на македонски градежни компании и на македонски работници. Впрочем, сите ние инсистиравме во договорот да стои дека минимум 51 отсто од вработените што ќе работат на трасата, градежните работници да бидат наши македонски граѓани. Тоа успеавме да го направиме, а претседателот Иванов одма ги одобри законите, изјави Јанакиески.

Јанакиески се осврна и на искуството кое го имал како дел од делегацијата која го придружувала претседателот Иванов, во посетите во странство.

-Со претседателот Иванов имав можност да остварам две посети во две држави, тоа е во Турција и Латвија каде имавме разговори за привлекување на инвестиции во нашата земја, но исто така при постетата во Латвија беше потпишана и спогодбата за соработка во делот на патниот сообраќај со Латвија. Со ова овозможивме голем број на македонски превозни компании слободно да можат да возат роба од Латвија кон Македонија и обратно, додаде тој.

Министерот Јанакиески, ги повика  граѓаните да го дадат својот глас за Ѓорге Иванов, затоа што за него, како што рече, народот и државата е пред се. Гласот за него е глас за нови инвестиции, патишта, нови работни места, глас за просперитетна и успешна Македонија.

03.04.2014 - 20:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега