Пешевски: Иванов покажа како е да се биде претседател на сите граѓани на Македонија

Ѓорге Иванов покажа дека знае како е да се врши функцијата претседател. По она што го има направено за Македонија, стои рамо до рамо со останатите вакви претседатели на Република Македонија како Никола Карев, Методија Андонов Ченто, како Борис Трајковски.

Ова го истакна вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на митингот во Македонски Брод, каде беше претставен кандидатот за претседател на Коалицијата за подобра Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов.

-Да се води држава е сложена активност и потребно е да се има тим, но многу е важно каков е тимот. Во изминативе 5 години имавме среќа тимот да го водат извонредни личности како што се претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски.

Овој тим, како што рече Пешевски, успеа да го зголеми бруто домашниот производ за 60 отсто, во изминативе 6 години платите се зголемени за 60 отсто, а извозот за 75 отсто. Вицепремиерот додаде дека расте и бројот на странските туристи и странските инвестиции. Подвлече дека се направени конкретни проекти во сите области.

-Идеите за реализираните проекти ги добиваме од народот, од постојаниот контакт со граѓаните.

Пешевски додаде дека Иванов покажа како е да се биде претседател на сите граѓани во Македонија и ги повика и македонските и албанските гласачи да излезат и да го поддржат Ѓорге Иванов.

-Кандидатот за претседател Иванов е човек со стабилен карактер, човек кој во својот кабинет има вработено луѓе од сите националности, човек кој немал екстремни националистички изјави или ставови, човек кој покажа како е да се биде претседател на сите граѓани на република Македонија. Затоа и треба да се поддржи.

03.04.2014 - 19:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега