„Винчини“ ќе се избори на европскиот пазар со помош на странски експерти кои ги ангажираше Владата

Со странски експерти кои се ангажирани од страна на Владата на Република Македонија компанијата „Винчини“ ќе се обиде да ги пласира своите производи кои веќе се присутни на европскиот пазар во повеќе од 40 држави.  

Меѓу вработените во „Винчини“ експертот од СЕС-проектот од Германија Рене Кумли  го пренесува стекнатото искуство од компанијата „Милка“.

-Со вработените работиме на подобрување на продажните практики, на продажниот тим на домашниот и на странските пазари. Добив задача да работам на продажбата и менаџментот за што сугерирав на воведување иновативни и креативни тактики за продажба. Што постигнавме на овој план подготвувам извештај за следната недела, вели Кумли, кого за потребите на домашните компании го ангажираше Владата на Република Македонија.

За Глигор Цветанов, извршен директор во „Макпрогрес“ – Виница, ангажирањето странски експерти е повеќе од потребно.

-На огласот на Владата како компанија се пријавивме со четири проекти, од кои два за технологии и по еден за среден менаџмент и маркетинг. Во изминативе денови со странскиот експерт кој доаѓа од проектот СЕС од Германија се снима комплетната ситуација кај нас за тоа како е сегашното производство и со кои насоки може да се подобри и квалитетот и менаџментот и пласманот, истакна Цветанов.

„Винчини“ 70  проценти од производството го пласира на странскиот пазар во вкупно 40 држави, а со помошта на странскиот експерт раководството планира  присуство на производите во 60 држави.

Германскиот експерт е дел од првата група стручњаци од странство ангажирани во втората фаза од владиниот проект што почна деновиве. До крајот на април се очекува во рамки на оваа група 15 странски експерти да работат во компаниите од земјата, информира Биљана Пеева Ѓуриќ, директор во Стопанската комора на Македонија.

Во првата фаза од проектот се пријавија 105 компании од целата територија на државата и  со различна големина во однос на бројот на вработените.

Домашните компании ќе треба на странските експерти да им го обезбедат само престојот во државава. Поголемиот дел од трошоците, меѓу кои дневници и транспорт, ќе бидат на товар на државата и нејзините партнери од Холандија и Германија.

Извор: МИА

03.04.2014 - 17:43

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега