Бизнисмени од Косово и Македонија на средба во Кавадарци

Во Кавадарци денеска се одржа бизнис средба на претставници на компании од Вардарскиот плански регион со нивни колеги од Косово со цел да се унапреди деловната соработка помеѓу нив.

- Целта е да се воспостават непосредни контакти помеѓу бизнисмените од двете страни. Како вардарски регион даваме силна поддршка на ваков вид на комуникација, а тоа ќе го правиме и во иднина, рече Славчо Чадиев, градоначалник на Велес.

Ваквиот вид соработка, нагласи градоначалникот на Кавадарци Александар Панов, всушност и била целта при формирањето на регионалната Стопанска комора во Кавадарци.

- Бизнисмените да имаат средби и да разменуваат стратегии и планови, да се здружуваат и заеднички да настапуваат на странски пазари во интерес на двете страни. Тиквешијата има контакти со Косово во делот на пласманот на грозјето, увоз на руда за Фени индустри, извоз на производите на Кожувчанка. Ние сакаме да бидеме една спојка помеѓу бизнисмените од двете страни за и во иднина да се соработува, додаде Панов.

Средбата беше во организација на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА Плус, Регионалната стопанска комора од Кавадарци и Велес и Регионалната агенција на Јужно Косово, западен регион и северен регион.

Претседателот на Регионалната комора со седиште во Кавадарци Митко Јанчев и сопственик на „Кожувчанка“, изрази задоволство за тоа што на оваа средба учествуваа повеќе од 30 стопанственици од Косово и триесетина од регионот.

- Интерес за соработка постои, стопанствениците се запознаа и остварија контакт за понатамошна соработка. Еден од заклучоците беше дека со Косово и досега добро се соработува, но ќе се настојува тоа уште повеќе да се засили во иднина. Целта на сите е заедничка, да се прошират бизнис границите во интерес на двете страни, нагласи Јанчев.

03.04.2014 - 17:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа