ОБСЕ/ОДИХР го објави периодичниот извештај за претстојните избори

Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР денеска го објави периодичниот извештај од мониторирањето во периодот од 10 до 26 март за претседателските и предвремените парламентарни избори закажани за 13 и 27 април.  

Во извршното резиме на извештајот се наведува дека по несогласувањето помеѓу двете партии во владејачката коалиција околу прашањето за номинирање на консензуален претседателски кандидат, Парламентот се распушти на 5 март, а предвремените парламентарни избори беа закажани за 27 април.

„Измените на Изборниот законик од јануари претставуваат напор да се одговори на најголем дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Сепак, голем број на прашања кои се предмет на загриженост остануваат неодговорени, вклучувајќи го и прашањето на нееднаквост на гласовите од гласањето во земјата и во странство, нееднаквост на мандатите на парламентарните избори во странство, и условот за обезбедување на најмалку 40 отсто излезност во вториот круг на претседателските избори“, се наведува во текстот.

Изборната администрација на три нивоа, предводена од Државната изборна комисија (ДИК), како што се посочува, до моментот генерално ги има запазено сите законски рокови.

„Седниците на ДИК на кои присуствуваше МНИ на ОБСЕ/ОДИХР, беа спроведени на професионален начин, а записниците од секоја седница беа објавени на веб - страната на ДИК. На неколку наврати, членовите гласаа по партиска линија, што резултираше со тензии“, стои во извештајот.

Од набљудувачката мисија наведуваат дека кандидатите за избор на претседател на Републиката започнаа да ги промовираат своите кандидатури во текот на нивните посети низ земјата пред започнување на кампањата. „ДИК разгледа два приговори доставени од страна на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во кои имаше наводи за предвремено започнување на изборната кампања. ДИК го прифати првиот приговор, а вториот го отфрли“.

Во Извештајот се наведува дека почетокот на кампањата беше обележан со реторика на етничка поделеност. „Премиерот ги повика етничките Македонци да му осигураат чисто мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ од 62 мандати со цел да се избегне притисокот од страна на Демократската унија за интеграција (ДУИ), додека пак лидерот на ДУИ ги повика етничките Албанци да и помогнат на партијата да обезбеди 25 мандати со цел да може да има поголемо влијание во владата“.

Согласно Изборниот законик, пишува во периодичниот извештај, радиодифузерите се обврзани да ја покриваат кампањата на правичен, избалансиран и непристрасен начин. “Сите кандидати за претседател на Републиката имаат право на медиумско претставување согласно принципот на еднаквост, додека пак кандидатите во парламентарната изборна трка се покриени согласно принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи на кандидати за пратеници. Новите одредби од законикот предвидуваат детални барања за јавниот радиодифузен сервис, односно за Македонската радио и телевизија, за обезбедување на покривање на изборите во текот на изборната кампања“. 

03.04.2014 - 14:31

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега