Јанкулоска: Полицијата спречи поголем инцидент на натпреварот МЗТ-Работнички
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денеска изјави дека вчера полицијата спречила поголем инцидент за време на натпреварот МЗТ-Работнички.
- Не сметам дека полицијата употреби прекумерна сила. Напротив, полицијата ги искористи своите законски надлежности и за среќа, заради интервенцијата на полицијата беше спречена ескалација на настаните, односно поголеми инциденти и евентуални потешки последици. Впрочем, во инцидентите предизвикани од хулиганите на трибините беше повреден и еден полициски службеник и тројца навивачи кои беа дојдедени да го следат натпреварот, рече Јанкулоска, додавајќи дека 12 лица биле приведени за синоќешните инциденти.
Според неа, не е исклучено некој полициски службеник да излезе надвор од неговите овластувања, но МВР е подготвено секој случај одделно да го разгледа и во колку утврди одговорност ќе постапува согласно законските прописи.
- Впрочем, МВР во тој дел е еден добар пример дека постапуваме неселективно и кога ќе утврдиме одговорност кај полициски службеници, без разлика дали се работи за кривична одговорност или за прекршување на професионалните стандарди ги казнуваме и нашите вработени. Меѓутоа, не смееме да дозволиме хулиганите да го диктираат темпото на спортските натпревари и да ги држат во заложништво сите оние неколку илјади добронамерни навивачи кои на пример, вчера беа дојдени да го гледаат можеби најатрактивниот натпревар во сезоната, вели министерката Јанкулоска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа