Ставрески: Вложивме 5 милиони долари за осигурвање од природни катастрофи

 

Во Македонија официјално од денеска со промоцијата на првиот производ за осигурување од земјотрес започна да функционира специјализираната компанија за реосигурување на имот од катастрофи „Европа Ре“.

Главни акционери се владите на Македонија, Србија и Албанија, а формирана е и поддржана од Светската банка, Швајцарската организација за економска соработка, Глобалното партнерство за заштита на животната средина, ЕУ и ОН, а наскоро е најавена промоција на нов осигурителен производ од поплави, како и осигурување за земјоделските посеви, освен осигурувањето од земјотрес.

- Анализите покажуваат дека земјите од Југоисточна Европа се исклучително ранливи на поплави, суши и други појави предизвикани од климатските промени, како и на ризици од земјотреси, лизгање на земјиштето и слични елементарни непогоди. За тоа говори и податокот на Светска банка дека претпоставените економски штети кои можело да ги претрпи Македонија и нејзината екононија од евентуални слични елементарни непогоди може да достигнат и до 40 проценти од БДП, што е над две милијарди долари, истакна Ставрески на денешниот официјален почеток на „Европа Ре“.

Напомена дека секоја година од буџетот на државата се одвојуваат околу 90 милиони денари за покривање штети од елементарни непогоди што е далеку од потребните за да се покријат фактичките штети што ги трпат граѓаните, земјоделците, стопанството и целата економија како последица на елементарните и временските непогоди.

- Како одговорна влада донесовме одлука да не стоиме настрана и да не чекаме, туку да дејствуваме навреме и да ги пресретнеме несаканите последици. Покрај постојаните вложувања во јакнење на системот за управување со кризи, одлучивме да вложиме конкретни средства во износ од 5 милиони американски долари, заем од Светска банка кои ќе се користат за креирање на еден нов систем за осигурување и реосигурување на имотот и бизнисите во Македонија, рече Ставрески.

Главниот извршен директор на Европа Ре, Хајнц Фоленвајдер оцени дека со овој проект граѓаните на Македонија добиваат вистинска можност да го осигураат својот имот од природни несреќи со сигурно и пристапно осигурување.

- Исто така државата добива поголема финансиска заштита од несаканите природни непогоди, како и можност дел од средствата што ги одвојува за справување со последиците од овие несреќи, да ги инвестира во други програми како што се градење училишта, болници, патишта....., нагласи Фоленвајдер.

03.04.2014 - 13:11
Фото: 
Нетпрес

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега