Меѓународно признание за катната гаража кај Рамстор

Катната гаража што Град Скопје минатата година ја изгради на улицата „Св. Кирил и Методиј“ доби најмногу гласови од публиката на интернет гласањето за архитектонската награда „Архитајзер А+“, во категоријата објекти за паркирање (http://awards.architizer.com/winners/list/?id=1).

Катната гаража на улицата „Св. Кирил и Методиј“ за граѓаните беше отворена на 8 септември 2013 година. Објектот има два ката под земја и пет ката над земја, со вкупно 445 паркинг-места. Се работи за современ објект со модерен систем за видео надзор, систем за следење слободни паркинг-места и за насочување на возилата, осветлување и испочитувани стандарди за противпожарна заштита.Фасадата на објектот е изработена од ламинатни панели од природен материјал (дрво) со голема издржливост на температурни промени и атмосферски влијанија. Овозможува природна вентилација на објектот. За илуминација на фасадата се поставени 496 светилки со ЛЕД диоди, секоја со моќност од 18 вати. Постои можност за различни сценарија на осветлување на објектот, во повеќе бои и со различно времетраење.

Проектот за катната гаража е на група автори - Минас Бакалчев, Митко Хаџи Пуља, Саша Тасиќ, Александар Радевски, Никола Стрезовски и Дамјан Момировски. Автори на фасадата се претставници од фирмата ППАГ од Австрија и Милан Мијалковиќ.

03.04.2014 - 12:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега