Дол и Свобода: Се надеваме дека напредокот на Македонија ќе донесе почеток на преговорите со ЕУ
Претседателите на двете најголеми политички групи во Европскиот парламент Жозеп Дол од редот на Народни партии и Јоханес Свобода од Социјалистите и демократите, се надеваат дека резолуцијата за напредокот на Република Македонија, за која треба да гласа ЕП на пленарана сесија во четврток, ќе придонесе за почеток на преговорите, објавува МИА.
- Ако земјата ги исполнува условите, ние исто така треба да ги почитуваме условите кои се однесуваат околу проширувањето, посебно кога станува збор за Балканот, изјави Дол на прашањето поставено од дописникот на МИА.
На забелешката дека „добро се знае дека за почетокот на преговорите, се уште постои противењето на една земја, која бара да се реши проблемот со името за да почнат преговорите“, претседателот на групата на Народните партии одговори: „Но, во секој случај, еден ден ќе мора да се реши тоа прашање.“
Јоханес Свобода од втората по големина парламентарна група, исто така, се надева дека резолуцијата на ЕП ќе придонесе за почеток на преговорите.
- Се надевам, бидејќи сега по Хрватска, која ќе и се приклучи на ЕУ, се создава празнина на Балканот во Југо-источниот дел на Европа. Затоа ќе биде многу важно да се има Македонија како земја иден кандидат со која ќе можеме да преговараме, одговори Свобода.
Тој притоа додаде дека почетокот на преговорите зависи како од соседите на Македонија така и од нејзината Влада.
Претседателот на Парламентарната делегација на ЕП за односи со Хрватска, Гунер Хокмарк нагласувајќи дека оваа делегација го одржа својот последен состанок, со глед дека Хрватска станува членка на 1 јули, смета дека е важно со резолуцијата за Македонија да им се даде јасен сигнал на сите земји од Балканот дека имат можност да станат членки на ЕУ, но потребно е да му се остави минатото на минатото.
- Мислам дека е важно де факто да се донесе резолуцијата на ЕП за Македонија да биде следната земја, исто како и сите земји од Западен Балкан да имаат можност да станат членки на ЕУ. Минатото треба да му се остави на минатото. Треба да се остават настрана малите проблеми и треба де се искористи политичкиот момент со тоа што Хрватска станува членка на ЕУ и резолуцијата треба да оди во таа насока, рече Гунер Хокмарк.