Попоски: Грција не смее да не блокира во членството во Алијансата

 

Додека НАТО и меѓународната заедница повикуваат на почитување на меѓународното право во однос на случувањата во Украина и руската интервенција во оваа земја, Македонија го користи моментот да повика на почитување на истото преку признавање на пресудата на Меѓународниот суд на правдата дека Грција не смее да не блокира во членството во Алијансата.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, токму овој аргумент го искористи и македонскиот министер за надворешни рбаоти Никола Попоски, за истото да им го предочи на шефовите на дипломатиите на земјите-сојузници на Алијансата на денешниот состанок во Брисел, посветен на случувањата во Авганистан, каде Македонија учествува во ИСАФ-мисијата на НАТО.

- Најзначајната одлука на денешниот состанок беше околу продолжување на присуството на НАТО-земјите и нивните партнери во Авганистан по 2014 година и постоењето на договор за нивното присуство во оваа земја, што треба да биде склучен по претседателските избори во Авганистан. За нас значајни беа и неформалните разговори кои ги имав со преставниците на земјите-сојузници и земјите-партнери на Алијансата, пред се за нашата евро-атлантска интеграција, истакна Попоски во изјава за МИА.

Според македонскиот министер, во овие моменти, фактот што се придава големо значење на владеењето на меѓународното право е аргумент, кој оди на линија на она што Македонија го презентира во повеќегодишниот период во кој де факто е блокирана од страна на земја-членка на НАТО.

- За тоа повикуваме редовно за почитување на превземените обврски од минатото. Сметаме дека тоа е најзначаен аргумент што треба да го имаме и во следниот период и во дискусиите и градењето на отворени односи и партнерство, како со Алијансата, така и со земјите-членки, додава шефот на македонската дипломатија.

На маргините на денешниот состанок, министерот Попоски оствари куси билатерални средби со американскиот секретар за одбрана, Џон Кери, со министерката за надворешни работи на Хрватска, Весна Пусиќ и други негови колеги. За Македонија, според Попоски, најзначајни во однос на овие средби се очекувањата околу проширувањето на НАТО.

- Сите аргументи во дискусиите со моите колеги се дека одамна сме ги исполниле критериумите, но дека онаа препрека што ни е преостаната од страна на една земја-членка е најзначајната. За нас е најзначајно и таа земја-членка да се насочи кон владеењето на меѓународното право и заедно да продолжиме да чекориме со НАТО, како што тоа го правиме изминатиот период. Тоа беа клучните точки по кои дискутирав со сите колеги со кои имав можност тука неформално да разговарам, како од САД, така и од Хрватска и други земји регионот. Сметам дека во таа насока треба да се одвива дискусијата и пред и по Самитот на Алијансата во септември оваа година, заклучува министерот Попоски.

Во септември оваа година, Алијансата ќе одржи Самит во Велс, Велика Британија, каде се очекува на дневниот ред да се најде и точка за проширување на најголемата воено-политичка организација на светот, при што први на листата на земји за полноправно членство се Македонија и Црна Гора.

 

Ивор: МИА

02.04.2014 - 17:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега