Попоски во Брисел: Македонија очекува почитување на меѓународното право од Грција

 

Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, денеска беше на состанок во Брисел, посветен на случувањата во Авганистан, каде Македонија учествува во ИСАФ-мисијата на НАТО.

Додека НАТО и меѓународната заедница повикуваат на почитување на меѓународното право во однос на случувањата во Украина и руската интервенција во оваа земја, Македонија го користи моментот да повика на почитување на истото преку признавање на пресудата на Меѓународниот суд на правдата дека Грција не смее да не блокира во членството во Алијансата. Токму овој аргумент го искористи и македонскиот министер за надворешни рбаоти Никола Попоски, за истото да им го предочи на шефовите на дипломатиите на земјите-сојузници на Алијансата на денешниот состанок во Брисел, пренесе МИА.

- Најзначајната одлука на денешниот состанок беше околу продолжување на присуството на НАТО-земјите и нивните партнери во Авганистан по 2014 година и постоењето на договор за нивното присуство во оваа земја, што треба да биде склучен по претседателските избори во Авганистан. За нас значајни беа и неформалните разговори кои ги имав со преставниците на земјите-сојузници и земјите-партнери на Алијансата, пред се за нашата евро-атлантска интеграција, истакна Попоски во изјава за МИА.

Министерот Попоски оствари куси билатерални средби со американскиот секретар за одбрана, Џон Кери, со министерката за надворешни работи на Хрватска, Весна Пусиќ и други негови колеги. За Македонија, според Попоски, најзначајни во однос на овие средби се очекувањата околу проширувањето на НАТО.

- Сите аргументи во дискусиите со моите колеги се дека одамна сме ги исполниле критериумите, но дека онаа препрека што ни е преостаната од страна на една земја-членка е најзначајната. За нас е најзначајно и таа земја-членка да се насочи кон владеењето на меѓународното право и заедно да продолжиме да чекориме со НАТО, како што тоа го правиме изминатиот период. Тоа беа клучните точки по кои дискутирав со сите колеги со кои имав можност тука неформално да разговарам, како од САД, така и од Хрватска и други земји регионот. Сметам дека во таа насока треба да се одвива дискусијата и пред и по Самитот на Алијансата во септември оваа година, заклучува министерот Попоски.

02.04.2014 - 15:59
Фото: 
Кајгана

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега