Прогласена вонредна состојба во Чиле по силниот земјотрес

Прогласена е вонредната состојба во Чиле откако  петмина загинаа, а има и повредени  во силниот земјотрес од 8,2 степени според Рихтер што го погоди северниот брег на Чиле. Епицентарот на земјотресот бил на 90 километри од пристаништето Икике во водите на Пацификот и предизвикал цунами со бранови од 2 метра. 

„Ги преземавме сите неопходни мерки, веднаш издадовме аларм за цунами, жителите масовно се евакуираат. Владата ќе направи се за да ги заштити жителите. Се уште не можеме да дадеме конкретни податоци за штетите од силниот земјотрес“, соопшти Мишел Бачелет, претседателка на Чиле.

Силниот земјотрес  предизвикал одрони, блокирани се голем дел од патиштата, илјадници домови се без струја, оштетен е и аеродром, а неколку објекти се опожарени.

„Земјотресот беше многу силен и многу долго траеше. Се околу нас се тресеше, единствено што можевме да направиме со мојата ќерка,  е да се молиме“, вели една жителка.

Предупредување за цунами е издадено во Перу, Костарика, Еквадор, Колумбија, Панама и Хаваите.

02.04.2014 - 14:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа