Иванов во Радовиш: Продолжуваме со иста посветеност за Македонија

Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ Ѓорге Иванов вчера ја побара поддршката од радовишани за нов мандат со нова програма порачувајќи им дека во неа остануваат стратешките цели на Македонија - да бидеме членка на НАТО, членка на Европската унија.

- Знаете дека сме блокирани на тој пат. Но не потклекнуваме. Успешно работиме за да ги исполниме обврските што ни стојат и затоа добивме пет позитивни извештаи и пет препораки за почеток за преговори во Европската унија. Во НАТО учествувавме во сите мировни мисии, каде што бевме поканети. И покажавме дека по сите стандарди, нашите војници се еднакви со сите наши НАТО војници. И за тоа добиваат ордени и признанија од нашите сојузници, нашите стратешки партнери, рече Иванов.

Тој посочи дека останува многу да се сработи, но оти кога се работи заедно и кога имаат ист глас и претседателот и премиерот, и министрите и пратениците, и градоначалниците, Македонија напредува.

- Се сеќавам пред пет години кога беа поплавите тука кога беше мачно да се гледа овој крај - срушени мостови, напуштени полиња, патиштата запоставени. Сега веќе почнува  изградба на автопат во источна Македонија. Сите регионални патишта се поправени. Селските патишта се прават. Секаде се прават училишта, се гради. Требаше многу да се направи за ова да го имаме. Многу реформи требаше да се направат, многу закони требаше да се донесат. Да се создаде амбиент економијата во Македонија да расте. А кога расте економијата, се расте во државата. Растат и платите, растат пензиите, растат и субвенциите, растат и стипендиите. Се расте во државата. Е тоа е резултат на успешна политика кога се работи тимски, кога се работи со посветеност за Македонија, порача Иванов.

Според него, секаде се чувствува новиот лик на успешна Македонија и најави продолжување по истиот пат.

- Да ја чуваме Македонија затоа што сите сме Македонија. Сите граѓани знаат дека не обединуваат неколку работи: Македонија во Европа, но и Европа во Македонија. Со европски стандарди и критериуми и принципи да ја создаваме Европа во Македонија. Да создаваме држава и економија кои отвораат работни места, затоа што политиката денес не се мери по убави зборови и празни ветувања. Политика се мери со бројот на отворени работни места. Затоа 120 илјади работни места се отворени во Македонија од кога дојде оваа млада гарнитура на чело со Груевски, истакна Иванов.

На митингот се обрати и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој истакна дека Иванов има јасен став за сите прашања, па и прашањето за името, кој е наведен и во неговата програма.

- Нема да дозволам промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија, тоа е ставот на Иванов.  А што е ставот на неговиот против кандидат, Стево Пендаровски вели немам став, да направиме консензус некаков, но не кажува каков консензус и ставот не го кажувам. Тој не го кажува својот став за името затоа што му е тешко, не знае што да каже. Дали да го каже ставот на Заев да се подсвитка кичмата или да го каже ставот на Радмила Шекеринска шест месеци да се потсвитка кичмата, тоа се разликите меѓу Заев и Шекеринска во однос на ставот за името, нагласи Ставрески.

Барајќи ја довербата од радовишани за Иванов вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски нагласи дека често се гледаат индивидуалци, кои се одлични и врвни експерти со својата струка, но има луѓе кои слабо можат да се снајдат да работат во тим.

- Иванов е човек кој покажа што значи да се работи во тим, тим, кој ја води државата. Тим предводен од ВМРО-ДПМНЕ, каде што е Коалицијата „За подобра Македонија“.

Тој потсети дека во изминатиот мандат Иванов даде директна поддршка за договорот со Кина за изградба на автопатот Миладиновци-Штип.

- Речиси една година баравме решение со Кинезите за структурта на финансирање и кога дојдовме до крајот на проектот му фалеше политичка поддршка. Тогаш Иванов оствари средба со претседателот на Кина и веднаш потоа проектот целосно се договори и веќе е започната неговата реализација, посочи Пешевски.

Иванов вечерва порано одржа митинг и во Виница, а помали митинзи и средби со граѓани имаше во Чешиново-Облешево, Зрновци и Карбинци. 

02.04.2014 - 10:21
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега