На полноќ истекува рокот за акредитација на изборни набљудувачи
На полноќ завршува рокот за доставување барања до Државната изборна комисија за набљудување на претседателските избори.
До вчера попладне ДИК имаше акредитирано 166 меѓународни набљудувачи, 97 преведувачи и 27 домашни набљудувачи, но до нив има пристигнато и други барања така што се очекува овој број да биде поголем.
Од МОСТ за МИА најавија дека за набљудување на двата круга од претседателските и предвремените парламентарни избори закажани за 27 април ќе бидат ангажирани вкупно 2.238 набљудувачи, на целата територија на Република Македонија. Како и минатите години така и оваа, распоредот на набљудувачи по општини ќе биде еднаков, односно МОСТ ќе има еднаква покриеност во сите општини. Од МОСТ посочуваат дека поради комплексноста на двата изборни циклуси кои течат напоредно, а заради задржување на истиот квалитет на добиени податоци како на претходните изборни циклуси, оваа година на денот на гласањето нема да има набљудувачи во две смени, туку сите ангажирани ќе го набљудуваат гласањето на гласачкото место, од отворањето до објавувањето на резултатите.
Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР најави дека двата изборни процеси ќе ги следи со 331 набљудувач.
Набљудувачи на изборите на 13 и на 27 април ќе имаат и повеќе амбасади во земјата, како и други невладини организации.
Немоќните и болните лица кои сакаат да гласаат најдоцна до сабота - 5 април треба да ја известат Општинската изборна комисија. За избирачите, пак, кои се на издржување мерка притвор, овој рок е до 9 април.
Резултатите од испитувањето на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес се објавуваат најдоцна пет дена пред денот определен за одржување на изборите односно најдоцна до понеделник - 7 април.
Кампањата за претседателските избори е во тек. Првиот круг од изборите се закажани за 13 април. Во сабота на петти април започнува изборната кампања за предвремените парламентарни избори.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа