Груевски:СДСМ избега од соочување со народот, тоа ќе биде казнето на избори
Челниците на СДСМ избегаа од соочување со народот. Тие избегаа од листите за пратеници, а сакаат да ја добијат довербата од граѓаните.
Премиерот Никола Груевски вечерва од Струмица му порача на СДСМ дека таквото нивно однесување ќе биде казнето на избори.
Тој ги коментираше најавите на партискиот врв на СДСМ дека се потребни промени.
-За какви промени говорат? Промените се направени кога народот ги исфрли Бранко, Шекеринска и Стево од фотељите и не сака да ги врати. Безброј пати го излажаа народот, го навредија и потценија, го отпуштија од работа, ги тепаа по улиците. Народот им даде промена во 2006-та година.Сега пак ќе им дадеме промени, пак ќе ги поразиме. Нека си прават промени, ама внатре во СДСМ. Не можам да разберам како се уште веруваат дека можат да манипулираат со народот. Си мислат ако не излезат на листите, поразот ќе го препишат на некој друг. Такво бегање од соочување со народот не се запамтило во политичката историјата на Македонија, па и Европа. Човекот вели да го постават за премиер, а бега од листа каде народот треба за него да гласа, рече Груевски.
Тој направи интересна споредба со однесувањето на СДСМ, рече тоа е како капитен во фудбалски тим да го напушти натпреварот и да рече- „Јас ве оставам трчајте, ако победиме ќе дојдам по пехарот“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа