Тече рокот од 48 часа партиите да ги комплетираат листите за пратеници

 

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница ги утврдуваше листите за кандидати на пратеници во Собранието на Република Македонија за претстојните предвремени парламентарни избори на 27 април. Поднесени се 14 листи на кандидати и тоа од пет коалиции и девет партии.

Членовите на ДИК им укажаа на СДСМ и коалицијата дека до нив во предвидениот рок од 48 часа треба да достават уверенија за неосудуваност за кандидатот под реден број 16 во изборната единица три и за носителите на листите во изборните единици четири, осум и девет. Непотврдени се и листите на Социјалдемократската партија на Македонија (СДПМ) бидејќи партијата нема доставено потврди за неосудуваност на кандидатите, доказ за единствен даночен број и во некои листи не е запазена законската обврска за родова рамноправност. 

ДИК ги потврди сите останати листи. Единствен даночен број во рок од 48 часа до нив треба да достават ПДП, Коалицијата Достоинство за Македонија, Партијата за економски промени (ПЕП) и ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Претседателот на ДИК, Никола Рилковски посочи дека Комисијата ќе го задржи правото за промена во листите доколку евентуално од Комисијата за верификација на факти добие информација дека некои од кандидатите не го минале лустрацискиот филтер. Четиринаесетте листи за кандидати за пратеници ДИК вчера ги доставила до Комисијата за лустрација која треба да ги информира дали кандидатите го исполнуваат условот за вршење јавна функција односно дали соработувале со тајните служби.

Од Комисијата за верификација на факти информираат дека листите се испратени до сите четири органи кои до нив треба да испратат информации за кандидатите.

До ДИК листи има доставено ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата,СДСМ во коалиција со останатите партии, коалицијата За позитивна Македонија, коалицијата на ГРОМ и коалицијата Достоинство за Македонија, како и политичките партии Демократска партија на Албанците (ДПА), Национална демократска преродба (НДП), Партијата за демократски просперитет (ПДП), ВМРО-НП, Народно движење на Македонија (НДМ), СДПМ, ПЕП, Партијата за европска иднина (ПЕИ) и Демократската унија за интеграции (ДУИ).

ДПА има поднесено листи за ИЕ 1,2,3,5,6,7 и 8, НДП за ИЕ 1,2,5,6 и 7, ПДП само за Шестата изборна единица, коалицијата За позитивна Македонија во ИЕ 1,2,3,4,5 и 6, коалицијата Достоинство за Македонија во ИЕ 1,2,3,4,5,6 и 8, ВМРО-НП во ИЕ 1,2,3,4,5,6, НДМ во ИЕ 1,2,3,4,5, СДСМ и коалицијата во ИЕ 1,2,3,4,5,6,7,8 и 9, СДПМ во ИЕ 1,2,3,4,5 и 6, ПЕП во ИЕ 1 и 2, ПЕИ во ИЕ 1,2,5 и 6, коалицијата ГРОМ во ИЕ 1,2,3,4,5 и 6, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во ИЕ 1,2,3,4,5,6,7,8 и 9 и ДУИ во ИЕ 1,2,3,4,5,6,7,8 и 9. 

31.03.2014 - 17:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега