Јанкулоска: Кампањата за претседателските избори тече мирно, фер и демократски

 

Министерката за внатрешни работи,Гордана Јанкулоска, денеска информираше дека кампањата за претседателските избори од аспект на безбедноста засега тече мирно, во фер и демократска атмосфера.

- Очекувам до крајот од кампањата за претседателските избори политичките партии, односно учесниците, кандидатите за претседател, но и со оглед што набрзо ќе почне и кампњата за парламентарните избори и кандидатите за пратеници и подносителите на листите дека ќе се однесуваат достоинствено. Ќе ја задржат фер и демократската атмосфера и ќе им овозможат на граѓаните да носат одлука врз основа на фактичката состојба, програмите кои ги презентираат кандидатите, а не врз основа на шпекулации и обиди за манипулации, нагласи министерката.

Јанкулоска ја демантираше информацијата од пред неколку дена, кога штабот на еден од кандидатите за претседател лиферуваше информација дека наводно настан предвиден за нивниот кандидат бил откажан заради препорака од МВР.

- Најостро сакам да ја демантиран ваквата информација. МВР ги обезбедува сите претседателски кандидати, нивното движење, услови за одржување на нивните предизборни активности. За ниту еден кандидат досега не сме направиле безбедносна проценка врз основа на која би дале препорака дека треба или пожелно е некој од планираните настани да биде одложен, додаде Јанкулоска.

30.03.2014 - 13:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега