ВМРО-ДПМНЕ: Нов скандал со местење тендери на Петре Шилегов
ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека портпаролот на СДСМ Петре Шилегов направил најповолениот понудувач да биде дисквалификуван од постапката за набавка на детски лапараскоп со видео опрема и инструментален сет за лапараскопија на Клиничкиот центар.
- Ова е пример како преку правни игри и процедури се отфрлаат и понудите на останатите понудувачи со цел да добие тендер фирмата д-р Пановски, која важи за спонзор и блиска на СДСМ, информира на денешната прес-конференција Сашо Трпески од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој информира дека понуди дале четири фирми од кои, како што рече, најниска цена била на Б-Интернационал.
- Жалба е поднесена од Инел Медика, во која тврди дека понудата на д-р Пановски воопшто не одговара на тендерската спецификација, a pостапувајќи по жалбата, Комисијата за жалби со решение од 11 март 2005 година ја уважува жалбата и го задолжува набавувачот да изврши повторно рангирање. Но, набавувачот повторно донесува решение со кое го избира д-р Пановски, рече Трпески.
Инел Медика, како што истакна, повторно поднесува жалба во која ги истакнува истите наводи.
- Во дополнувањето на одговорот на жалбата од набавувачот ЈЗО Клинички центар од 30 јуни 2005 година, набавувачот самиот истакнува дека во понудата на д-р Пановски нема DCI систем што значи не го исполнува она што се бара на тендерот. Првостепената комисија го имала предвид овој факт, но не ја отфрлила понудата, туку намалила бодови за квалитет, само пет бода, колку што е доволно д-р Пановски да биде најповолен понудувач, рече Трпевски.
Комисијата во прв степен, посочи тој, дури и самата потенцирала дека понудувачот не понудил апарат каков што се бара, но Комисијата на Петре Шилегов, иако еднаш го поништила решението за избор на д-р Пановски, донесува решение со кое ја отфрла жалбата на Инел Медика.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа