ФОТО: Извршителот му доставил неверојатна сметка - погледнете колку треба да плати овој скопјанец

За долг од 27.000 денари кон поранешна "Топлификација", направен во периодот од 1999 година наваму, пензионер од Скопје сега треба да плати 200.000 денари. Во сметката испорачана преку извршител со задоцнување од 10 до 15 години се собрани само неколку неплатени сметки и многу камати, камати на камати, административни и други трошоци, судски такси, извршителски награди, ДДВ и друго, пишува Вечер

Скопјанецот Коле, кој деновиве не знае каде му е главата во обид да се извлече од оваа апсурдна ситуација, е само еден од стотиците илјади македонски граѓани сардисани од извршители, кои по налог на комуналните претпријатија од нивните сметки треба да извлечат огромни суми за сметки за струја, вода, парно, телефон... од пред 10 до 20 години. 
Коле објаснува дека најголем дел од сметките за парно ги платил со задоцнување и тогаш му било речено дека не мора да ги плати каматите и судските трошоци. Тој прашува зошто сега, по толку години, без претходно да биде известен, каматите стасуваат за наплата и тоа не како што биле тогаш, туку пресметани до денот на плаќањето. 
- Јас не го спорам долгот. Тоа што го должам ќе си го платам. Но, не знам зошто сметката ми е испорачана толку доцна, па мора да платам камата до денешен ден. Бев во Балкан енерџи груп" и таму ми дадоа извод со долг од нула денари за најголем дел од сметките, но и покрај тоа, ми пресметаа огромни камати - вели Коле, додавајќи дека не му е јасно и тоа зошто на тужбата со предлог за извршување има само печат, а не и архивски број.

Од сметките кои тој ни ги достави може да се види како се натрупал долгот од 200.000 денари. Во една од нив се вели дека треба да плати затезна камата од 44 илјади денари и договорна камата од 26.000 денари. Туженото салдо со затезна камата изнесува 72.000 денари, а туженото салдо со договорна камата е 54.000 денари. 
- Ми пресметуваат некаква камата од 8%, но јас не можам да ја откријам математиката. Освен тоа, не ми е јасно каква е таа договорна камата кога јас со нив немам никаков договор - вели Коле.
За една од сметките од 1.516 денари која му ја испратил извршителот треба да плати трошоци за извршување од над 6.000 денари, кои не се конечни, туку точно ќе се утврдат по наплатата. Пресметани се и 307 денари за администрирање на предмет, 4.366 денари за извршени дејствија, 461 денар награда и 924 денари ДДВ. Сметка од мај 2005 година, пак, која изнесувала 1.718 денари сега со камати, извршителски такси, даноци и друго, достигнала до 8.173 денари. 
- Во мај 2005 година платив долг од вкупно 50.000 денари и ми остана за плаќање уште 2.321 денар. На изводот што го добив има само потпис на службеникот, а нема печат, па сега повторно ми бараат да платам дел од сумата, зашто немам неколку сметки кои се изгубија кога ми го обија станот - објаснува Коле.

Извршителите велат дека овој случај не е исклучок. Тие имаат голем број налози за наплата на сметки од пред многу години, а најбројни се за струја, вода и за парно. Според претседателот на Комората на извршители, Гордан Станковиќ, граѓаните немаат друг избор освен да си ги платат старите долгови, зашто ако се тужени навреме, сметките не застаруваат, а исто така и каматите. 
Откако пред неколку години извршителите добија илјадници извршни предмети од судовите, што предизвика огромен револт и паника кај граѓаните, се очекува наскоро да се случи уште еден бран на масовна присилна наплата на стари долгови. Во судовите имаше 300 илјади предмети за расчистување долгови стари и по неколку децении, а до нотарите и до извршителите досега се доставени околу 200.000, па преостануваат уште 100.000. Нив ги нема во судовите, но веќе стана јавна тајна дека тужбите за старите долгови не се пишувани таму, туку се штанцани во самите комунални претпријатија, кои ги поседувале судските печати. Токму затоа, објаснуваат упатените, на повеќето тужби нема архивски број, како во случајот на скопјанецот Коле, што, пак, не значи дека не се валидни. Од овие причини, се претпоставува дека преостанатите 100.000 предмети се во фиоките на комуналните претпријатија и дека наскоро може да ги испратат до извршителите за наплата од граѓаните.

Станковиќ вели дека постои опција да се простат долговите, но како што објаснува, отписот ретко се применува, бидејќи е финансиски товар за фирмите кои имаат побарувања, зашто на тие суми на државата треба да и се плати данок. Тој информира дека извршителите имаат мал процент на наплата на старите долгови. бидејќи дел од должниците се починати, дел смениле адреса на живеење и не можат да ги најдат, а некои воопшто немаат трансакциска сметка. 

28.03.2014 - 23:48

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега