Новите тужби од Владиката Петар не ги засегнаa Владиците
Македонските владици на вчерашната синодска седница не го разгледувале писмотo што македонските црковни заедници им го испратија, а во кое бараат САС на МПЦ-ОА и комисијата за разговори со претставниците на црковните општини од Австралија, да ги спречи понатамошните судски процеси, што Владиката г. Петар ги покренува против членовите на црковната општина Св. Петка во Рокдаил, Австралија.
Од МПЦ кусо изјавија дека ова прашање не било ни поставено на дневниот ред на седницата на Синодот.
Ниту од кабинетот на архиепископот г.г. Стефан не сакаат да ги коментираат одлуките на Синодот и тоа што се договара на седниците.
Владиката Тимотеј, потрпарол на Синодот на МПЦ само кусо изјави дека владиците не разговарале за австралискиот проблем.
Единственвено Владиката г. Петар одговара дека за тоа прашање не требало да разговара Синодот.
Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија нема потреба да го отвори прашањето за тужбите на црковните општини во Австралија. Тоа ќе го решат тамошните судови, вели владиката Петар, откако Синодот на МПЦ на последната синодска седница, која се одржа во четвртокот не го отвори прашањето за најновата тужба на г. Петар против 891 верник од црковната општина „Света Петка“ во Сиднеј, Австралија.
Игор Александров, претседателот на здржужението на македонските заедници во Австралија вели дека со ова се доведува во прашање можноста за надеж на какво било ветување или гаранција што ќе ја понуди Синодот во врска со имотите и средствата на црковните општини.
- Синодот не може да биде мајка на 14 цркви, а маштеа на МПЦО Св. Петка. Не може кредибилно да не учи дека треба да ги почитуваме Уставот и другите правила на МПЦ, кога отворено применува двојни стандарди, односно од една страна вели дека имотите можат да останат сопственост на црковните општини (што е во согласност со Уставот на МПЦ), а од друга страна го овластува Петар да отвора нови тужби за приграбување на имотите на МПЦО Св. Петка, спротивно на Уставот, објаснува Александров.
Според него, не сакајќи да го разгледа прашањето за забранување на новата тужба на Петар, Синодот избира да пренасочи на деструктивни адвокатски трошоци стотици илјади долари кои инаку би можеле да се употребат за добротворни цели на МПЦ во Македонија и за касата на новата Епархија за Австралија.
Во продолжение интегралното соопштение од претседателот на Македонските црковни заедници од Австралија.
СО НОВИТЕ ТУЖБИ НА ПЕТАР Е ЗАГРОЗЕН КРЕДБИЛИТЕТОТ НА СИНОДОТ
По повод вчерашната седница на Синодот на Македонската православна црква, на која не е ставено на дневен ред барањето да се спречи новата тужба на владиката Петар против 891 членови на црковната општина Св. Петка од Сиднеј и Синодот да решава за спорните точки наместо граѓанските судови, Здружението на македонски заедници од Австралија изјавува:
Тоа што Синодот го игнорира нашето барање да ја реактивира Синодската комисија за решавање на споровите во Австралија, со цел да се спречи новата тужба против 891 членови на Св Петка, е крајно загриживачко од неколку аспекти.
Како прво, се доведува во прашање колку можеме да се надеваме на било какво ветување или гаранција што ќе ја понуди Синодот во врска со имотите и средствата на црковните општини.
По нашата средба со Синодската комисија во 2012, ние, како претставници на 15 храмови од Австралија кои бараа да влезат под директна надлежност на Синодот, постигнавме согласност за десетина точки, како начела според кои би се владееле црковните општини во иднина. Меѓу другото, се согласивме имотите и приходите на храмовите да останат под демократска контрола на регистрираните црковни општини, а со верските активности, вклучувајќи ги свештениците, да раководи владика назначен од Синодот. Притоа, сите храмови треба да вложуваат договорен дел од своите приходи во заедничка Епархиска каса, со која би раководел надлежен владика.
Услов за реализација на усогласените точки беше сите 15 храмови кои му откажаа доверба на Петар, вклучувајчќи ја и МПЦО Св. Петка од Рокдејл, да влезат под директна надлежност на Синодот. Тоа е кажано и во соопштението за јавноста што го издаде Синодската комисија.
За жал, по непристојни притисоци на Петар и негови приврзаници во државните власти, Синодот уште на почеток ја оневозможи реализацијата на точките по кои постигнавме согласност со Комисијата, со тоа што одлучи под своја надлежност да прими само 14 од 15те храмови, а Св. Петка да ја остави под надлежност на Петар додека не се исцрпат апелациските постапки по тужбите кои тогаш беа активни. Тоа Синодот го направи иако тврдеше дека никогаш не му одобрил на Петар да тужи црковни општини или управи во Австралија.
Сакајќи да избегнеме трајно раскинување на односите со Синодот и воспоставување на задгранична Македонска православна црква со автономен владика на нејзино чело, сепак решивме да работиме на зацртување на конституција за регистрирање на Епархија во Австралија, со што би им дале правна дефиниција и тежина на точките за кои преговаравме со Синодската комисија. Додека напредувавме во преговорите со г. Тимотеј во тој поглед, долгогодишните тужби против Св. Петка завршија со одлука која во основа е во согласност со начелата за кои преговаравме со Синодската комисија, освен што за Св. Петка, по избор на Синодот, останува надлежен Петар. А Петар сега ги злоупотребува тие надлежности за да покрене нова тужба против 891 од вкупно 897 членови на Св. Петка, со цел да ги принуди да се откажат од членство во општината и така тој со само 6 членови, негови приврзаници, да си ги препише имотите од име на регистрираната црковна општина, на негово лично име, со уште двајца попови како косопственици.
Без разлика што Архиепископот можеби смета дека со игнорирање на новите тужби останува неутрален, реалноста е дека Петар дејствува во својство на легитимен делегат на Синодот и секој напад од негова страна е напад од страна на Синодот. А Синодот не може да биде мајка на 14 цркви, а маштеа на МПЦО Св. Петка. Не може кредибилно да не учи дека треба да ги почитуваме Уставот и другите правила на МПЦ, кога отворено применува двојни стандарди, односно од една страна вели дека имотите можат да останат сопственост на црковните општини (што е во согласност со Уставот на МПЦ), а од друга страна го овластува Петар да отвора нови тужби за приграбување на имотите на МПЦО Св. Петка, спротивно на Уставот.
Од материјална и добротворна гледна точка, Синодот, не сакајќи да го разгледа прашањето за забранување на новата тужба на Петар, избира да пренасочи на деструктивни адвокатски трошоци стотици илјади долари кои инаку би можеле да се употребат за добротворни цели на МПЦ во Македонија и за касата на новата Епархија за Австралија. Тука не се во прашање само пари од МПЦО Св. Петка, туку пари кои Петар би ги црпел од други храмови во Австралија кои веќе се под негова контрола, како и пари од оние 14 храмови во Австралија кои сега се под надлежност на г. Тимотеј, а кои имаат морална обврска и директен интерес да им помогнат на членовите на Св. Петка да се одбранат од новата тужба на Петар.
Пасивниот избор на Синодот да му дозволи на Петар да води нова тужба против членовите на М`ПЦО Св. Петка од Рокдејл е спротивна на принципите за управување со црковните општини во Австралија за кои се договаравме во 2012г. Со тоа се загрозуваат сите позитивни напори што се направени за надминување на расколот што ни го наметна Петар и за конечно регистрирање на Македонска православна епархија како посебно правно лице во Австралија, во согласност со Уставот на МПЦ. Големо прашање е кои се тие сили што можат Синодот да го доведат во состојба да делува против интересите на МПЦ и на македонскиот православен народ.
Игор А. Александров
Претседател на Здружението на македонски заедници од Австралија
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа