Иванов во Велес: И наредниот мандат приоритет ќе биде економијата која создава работни места
Претседателот Иванов се обрати пред велешани. Во продолжение ви го пренесуваме интегралниот говор.
Добровечер Велес!
Добровечер Македонијо!
Добровечер ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“!
Живиот сведок на двата Илиндена, велешанецот Панко Брашнаров, отворајќи го првото заседание на АСНОМ, кажа: „Животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се сменија, но борбата на македонскиот народ не престана“.
Денес, борбата е за создавање економски успешна Македонија за сите нејзини граѓани. Борба за отворање нови работни места за луѓето да можат да работат, да заработуваат и да ја планираат иднината на своите семејства.
Почитувани сограѓани,
Пред 5 години ми ја дадовте довербата за да ги застапувам вашите интереси. Да бидам вашиот глас каде и да одам. Чесно и одговорно ја вршев функцијата.
Имав преку 450 средби со претседатели, премиери, министри. Се среќавав со нив во странство, но и во Македонија. Бев домаќин на над 40 официјални и работни посети на шефови на држави. Во ниту еден миг, на ниту една средба не ја изгубив од предвид основната цел за која ме избравте – да ги бранам интересите на Македонија и да работам на создавање нови работни места за граѓаните.
Од плодната соработка со Владата произлегоа конткретни резултати за Македонија:
- Обезбедивме визна либерализација за вие да можете слободно да патувате низ Европа;
- Добивме пет позитивни извештаи и пет препораки за почеток на преговорите за членство во Европската унија;
- Обезбедивме нови странски инвестиции, се отворивме кон нови пазари и создадовме нови можности за македонската економија.
Програмата со која излегов пред вас во 2009 година е исполнета. Реализирав и повеќе од тоа што беше предвидено.
Во мојот отчет го претставив сработеното во текот на мандатот.
Покажавме дека знаеме да ги реализираме целите и да ги остваруваме проектите. Знаеме што треба да се направи понатаму.
Денес повторно сум меѓу вас и со чист образ повторно ја барам вашата доверба за да продолжам со иста посветеност, чесност и искреност, да работам за Македонија.
Почитувани сограѓани,
Многу енергија и многу време посветив на предизвикот со кој Македонија се соочува уште од првиот ден на својата независност – наметнатото прашање за разликата околу името. Јужниот сосед веќе две децении нè уценува и бара од нас да се откажеме од сопствениот идентитет.
Како претседател, нема да прифатам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот.
Македонските граѓани сами одлучуваат за своите клучни национални прашања. Никој, освен македонските граѓани, нема право да одлучува за името на нашата татковина Македонија. Никој, освен македонските граѓани, нема право да одлучува за иднината на Македонија.
За секое решение ќе се изјаснат македонските граѓани на референдум.
Ќе продолжиме со реформска работа дома, и со политика на отвореност, дијалог и соработка кон надвор. Македонија ја приближуваме кон Европа и Европа ја градиме во Македонија со конкретни проекти. Проекти кои произлегуваат од вашите потреби.
Почитувани велешани,
Во текот на мандатот се среќавав со странски државници, но останав меѓу својот народ. Ги посетив повеќето општини, градови, населени места во Македонија. Во мојот кабинет примив преку 5000 граѓани.Секогаш за предизвиците и за потребите на граѓаните дознавав од прва рака.
Знам дека една од најголемите грижи за велешани со години е невработеноста. Во потрага по работа, генерации млади заминаа од Велес. Но, оваа состојба веќе се менува.
На ниво на Македонија се отворени 120.000 нови работни места. До крајот на годината ќе се создадат услови за уште 10.000 нови работни места. Во услови на криза, кога невработеноста во Европа се зголемува, во Македонија сериозно се намалува. Напорно работиме да продолжиме со овој тренд за граѓаните да можат да работат и да заработуваат пристојна плата. Новите работни места ја движат нашата економија напред. Македонија мора да понуди поголеми можности за оние што вредно работат и што се подготвени да ги користат својот труд, своите вештини и таленти за да ја обезбедат сегашноста и иднината на своите семејства.
Нашите напори вродуваат со плод.
Неодамна ја посетив фабриката на „Дрексел Мајер“ од Германија во Кавадарци. Тоа е инвестиција од околу 20 милиони евра. Повеќе од 600 велешани веќе работат во оваа фабрика, а до крајот на годината се очекува тој број да достигне и до 1000.
Белгиската компанија за производство на автобуси „Ван хол“ вработува 60 жители на Велес.
Велешани свое вработување најдоа и во фабриките „Џонсон контролс“ и „Џонсон мети“ во индустриската зона „Бунарџик“.
Веќе е потпишан договор со германската компанија „Маркард“, која во новоформираната индустриска зона „Караслари“ќе произведува составни делови за врвни германски брендови на автомобили. Тоа е инвестиција вредна 35 милиони евра, и ќе значи вработување за околу 600 лица.
Драги сограѓани,
Посветени сме на индустријата, но не го забораваме земјоделството. Напротив. Еден од столбовите на мојата програма е поддршка за унапредување на земјоделството. Сакаме Македонија да биде напредна земјоделска земја. Многу е направено за земјоделството. Досега се исплатени половина милијарда евра субвенции за земјоделците. Само за овој регион од 2006 до 2013 година се исплатени околу 1.27 милијарди денари. Само за 2013 година се исплатени 150 милиони денари субвенции за одгледување тутун, житни растенија и за сточарството.Инвестирањето ќе продолжи за да се отвораат многу нови работни места.
Еден од моите столбови е и образованието. Со долгорочно инвестирање во образованието, Република Македонија ќе стане земја во која секоја година ќе се отвораат нови работни места, токму поради тоа што ќе имаме сè повеќе високообразовани луѓе. Образование од градинка до факултет. Затоа, се реконструираат основните училишта „Св. Кирил и Методиј“ и „Благој Кирков“ и средното училиште „Кочо Рацин“. Техничко-технолошкиот факултет започна да работи во новите простории. Обезбедени се и дисперзирани студии. Од овие клупи да произлезат велешани и велешанки подготвени за работа.
Како што ја отвораме државата, така ги отвораме и индустријата и земјоделството. И тие имаат потреба од брзи и безбедни патишта. Веќе се градат нови и се обновуваат старите патишта. Се надоградува автопатот „Мајка Тереза“. Овој автопат е дел од Коридорот 8 што сакаме да го поврземе со Јадранско-јонската магистрала. Наскоро ќе се обнови автопатска делница Катланово-Велес и делницата Велес-Штип. Ќе се обнови и железничката станица во Велес. Со ова ќе привлечеме нови инвестиции и ќе создадеме услови за нови работни места во Велес.
Имаме конкретни цели и конкретни резултати.
Највисоката цел е економски раст и развој на Македонија, отворање многу нови работни места за доброто на граѓаните.
Почитувани сограѓани,
Каде и да одев, ја промовирав македонската економија, македонските можности.
И во следниот мандат, приоритет ќе ни бидат држава и економија кои создаваат нови работни места. Ќе поттикнувам максимално искористување на европските развојни фондови.
Драги сограѓани,
Знаеме каде одиме, знаеме што сакаме. Ве повикувам сите вас, сите граѓани, со заедничка енергија побргу да ги оствариме програмските цели што го обединуваат целото македонско општество:
- Европа во Македонија и Македонија во Европа!
- Држава и економија кои создаваат нови работни места!
- Македонија, дом во кој се гради благосостојба за сите!
Знаеме како да го направиме тоа. Докажавме дека со соработка и со заедништво може да се направи многу. Пак ќе се видиме и со чист образ повторно ќе се погледнеме во очи.
Да ја сакаме Македонија! Да го сакаме својот дом!
Изборот е Македонија!
Државата е пред сè!
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа