ВИДЕО: Голема полициска акција ја стресе Македонија - падна уште една група која шверцувала добиток
Спречена е меѓународна криминална група од десет македонски државјани и тројца албански државјани кои во континуитет, од 2012 до 2014 година биле инволвирани во криминални активности поврзани со организирање, криумчарење и транспорт на жив добиток од Македонија во Албанија.
Според информациите кои денеска ги соопшти министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, групата прокриумчарила околу 300 грла жив добиток со просечна тежина од околу 300 килограми. Се претпоставува дека групата се стекнала со противправна имотна корист од околу 20 милони денари.
Акцијата вчера ја спровел Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР, како продолжение на оперативната акција „Милка“.
Случајот бил реализиран во координација со јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал. Во целата постапка биле обезбедени докази за криминалната активност на групата. Организатори на групата биле албанските државјани – З.А. (56), С.Б. (57), П.А. (53) и македонските државјани В.Н. (47) од Ресен, В.М. (47) од село Стење, Ресен. Останатите членови на групата со посебни задолженија поврзани со незаконитите постапувања се Л.Т. (45), село Стење, Ресен, Е.М. (33) од село Будаково, Битола, Ќ.И. (70) од Битола, С.К. (55) од Битола, Т.К. (66) од Ресен, Л.В. (67) од Ресен, како и еден полициски службеник вработен на ГП Стење – Ј.Б. (46) од Ресен.
- Оваа група делувала на меѓународен план, во Македонија и во Албанија. Од 2012 година почнала организирано да се занимава со купување, транспорт, складирање и криумчарење (пренесување) преку зелената гранична линија на добитокот, телиња и јунци. Ја избегнувале полициската и царинската контрола од територијата на Македонија во Албанија во близина на граничниот премин Стење, објасни денеска Јанкулоска.
Добитокот го купувале од сточните пазари во Македонија, во пазарните денови. Со товарни моторни возила го транспортирале до штала во Битола, сопственост на Ќ.И., а потоа во шталата во колективниот прифатен центар „Царина“ во село Стење, Ресен.
Од полицискиот службеник добивале известување за присуството на гранични патроли на зелената линија, меѓу Албанија и Македонија. Добитокот бил преземан од членовите на групата, транпсортиран и предаван на пазарите во Тирана.
По ова, откако ќе добиеле „одобрување“ од полицискиот службеник вработен на Граничниот премин Стење, дека на зелената линија на македонско албанската граница нема полициски патроли, добитокот го прокриумчарувале од Македонија во Албанија од каде бил преземан од членовите на криминалната група од Албанија, транспортиран и продаван на пазарите во Тирана и други градови.
Албанските државјани од групата правеле избор на тоа кои грла добиток да бидат купени од сточните пазари. Организаторите од Македонија В.Н. и В.М. биле задолжени заедно со албанските државјани да го купат добитокот и да го организираат транспорт од сточните пазари до шталите во Битола и прифатниот центар во Стење, за што ги ангажирале и другите членови на групата. Биле обезбедувани и информации за тоа дали има присуство на полициски патроли на теренот.
- На овој начин, членовите на криминалната група ги избегнувале задолжителните процедури за увоз и извоз на животни, а кои се однесуваат на регистрација на правно лице со дејност трговија на добиток, пренос на сопственост при купување добитокот, ветеринарен преглед, задолжителен карантин, добивање сертификат за здравствената состојба на добитокот за да може да се извезува, намалувале трошоци за транспорт на добитокот, шпедитерски услуги и трошоци за царинската постапка, рече Јанкулоска.
Вчера биле извршени претреси на четири локации, по две во Битола и Ресен, домови и други простории на членовите на организираната група. Од слобода лишени се осум лица (три лица со двојно државјанство, три лица македонски државјани и двајца албански државјанин). При извршените претреси во домовите на членовите на групата, пронајдени и одземени се пет грла добиток, едно товарно моторно возило, 6.750 евра, оружје, телефонски апарати...
- До Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера поднесена кривична пријава против 13 лица (тројца албански државјани, тројца македонски државјани и седум лица со двојно државјанство) членови на криминалната група поради основано сомнение дека се сторители на кривични дела „злосторничко здружување“ и „криумчарење“, како и „злоупотреба на службена должност и овластување“, кое се однесува на полицискиот службеник, рече Јанкулоска.
На сите осуммина приведени, надлежен судија за претходна постапка им одреди мерка притвор во траење од 30 дена. Се преземаат мерки за пронаоѓање на уште пет лица и тоа едно лице албански државјанин и четири лица со двојно, македонско и албанско државјанство.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа