ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го награди Орцев со пратенички мандат за тендерите кои им ги доделил на Заеви

 

Откако Панче Орцев делејќи си тендери со фирмите од кланот на Зоран Заев си го заслужил пратеничкиот мандат, сега тој повторно се најде на листата за пратеници во четвртата изборна единица и тоа на високото второ место, посочија денеска од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, со високата позиција на листата за пратеници, Заев сака да му се оддолжи на Панче Орцев за, како што велат, тендерите кои тој како директор на Комуналец, ги делел на фирмите од кланот Заеви.

-Во меѓувреме додека Панче Орцев е директор на ЈПКД Комуналец, тој доделувал јавни набавки на фирмите од фамилијата Заеви и нивните бизнис ортаци. Впрочем тој е директорот на ЈПКД Комуналец кој склучил договори за јавни набавки со фирмата Еленица во сопственост на братот и братучедот на Зоран Заев, со фирмата Тргопродукт која е во сопственост на братучетката и стрината на Зоран Заев, со фирмата Јавор Шпед која е во сопственост на бизнис ортакот на братот на Зоран Заев како и со фирмата АДГ Пелагонија каде најголем акционер е братучедот на Заев, истакна на денешната прес-конференција Даниела Рангелова, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Фирмите од кланот Заеви, велат од партијата, од Панче Орцев како директор на ЈПКД Комуналец добиле 4 јавни набавки со вредност од 7.792.027 денари.

-Но и Зоран Заев не останал должен на Панче Орцев. Фирмата ХИТ Бекатон на шурата на Панче Орцев, од Зоран Заев добила дури 4 јавни набавки во вредност од 3.360.097 денари, рече денеска Рангелова. 

Додека Панче Орцев бил директор на ЈПКД Комуналец, обвинуваат од владејачата партија, фирмите од кланот Заеви добивале милионски тендери, а пак фирмите на фамилијата на Орцев добивале исто така тендери од Заев.

 -Досега јасно и презентиравме на јавноста за каков организиран систем на бизнис интереси владее помеѓу луѓето на СДСМ во Струмица. Сега, истиот тој Заев за добро завршената работа од страна на Панче Орцев повторно го наградува својот бизнис партнер ставајќи го на добитното второ место на пратеничката листа во четвртата изботна единица. Ете на овој начин кандидатите за пратеници ги добиваат местата во листите за пратеници од СДСМ, рече денеска Рангелова во името на владејачката партија.

Според ВМРО-ДПМНЕ, не постои никаква разлика меѓу Бранко Црвенковски и, како што велат, двоецот Заев и Шекеринска.

-На овој начин СДСМ функционираше досега, така продолжува и понатаму. Иако Бранко Црвенковски физички не е присутен во партијата сепак неговата школа оставила длабоки корени, велат од партијата. 

 

 

 

28.03.2014 - 14:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега