Грипот зема голем замав во Грција - починале 106 лица

Во Грција годинава се регистрирани повеќе смртни случаи од грип меѓу населението, отколку во која било друга европска земја, покажуваат податоците на  Европскиот центар за превенција на болести кои ги објави и Атинската лекарска асоцијација.

 Стапката на смртни случаи на грип во Грција е значително повисока отколку во другите европски земји. Податоците покажуваат дека до саботата во Грција починале 106 лица, од приближно 11 милиони население. Во Шпанија од грип починале 155 лица, но населението на оваа земја е четирипати побројно, односно 46 милиони. Во Шведска,  која има слична популација како и Грција, имало само четири смртни случаи, додека Велика Британија нема пријавено смртни случаи од вирусот.

Најголем виновник за зголемување на бројот на смртни случаи од грип е малиот број на вакцинирани, во споредба со минатата година. Организацијата „Лекари на светот“ во декември предупреди дека Грција е многу блиску до „уривање на бариерата за вакцинација“. Според невладината организација, илјадници грчки деца биле оставени невакцинирани поради тоа што нивните семејства го загубиле здравственото осигурување.

- Неосигурените деца кои не се вакцинирани се во непосредна опасност. Покрај заканата за сопственото здравје, тие се соочуваат со исклучување од училиште, бидејќи постојат директиви според кои невакцинираните деца не можат да присуствуваат на часови, изјави Никита Канакис, хуманитарен работник.

Претседателот на  Атинската лекарска асоцијација Јоргос Патулис упати повик за следната сезона на грип во Грција да се изработи национален план за вакцинација. 

27.03.2014 - 13:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега