„Стендап Адрија“ во Универзална Сала - награди за стендап комичари од регионот
На 31 март во Универзална сала ќе бидат доделени првите награди „Стендап Адрија“ на 12 комичари од овој регион кои биле најуспешни во жанрот стендап комедија. Шестмина се од Македонија, а останатите шест се од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и од Бугарија. Организатори на настанот се „Стендап Македонија“ и продукцијата „Дел Рио филмс“.
Првите 12 лауреати на манифестацијата се избрани од 34 номинирани. За најдобри стендап комичар и комичарка во регионот во 2013 ќе бидат наградени Срѓан Јовановиќ од Србија и Марина Орсаг од Хрватска. Хрватот Домагој Пинтариќ ќе добие награда за најдобар клупски стендап комичар во минатата година, Пеѓа Бајовиќ од БиХ е прогласен за најдобар ветеран во овој жанр, Горан Фурјан од Хрватска - најголема стендап надеж за 2014-та, а Иван Кирков од Бугарија е најдобар стендап комичар во 2013 година надвор од Адрија.
За најдобар македонски стендап комичар во минатата година ќе биде награден Никола Тодоровски, кој имал над 50 настапи, а за најдобра стендап комичарка - Весна Петрушевска. Сашо Тасевски е награден за најгледан стендап проект во 2013-та - „Не ме лечи докторе, жити мајка“, со кој трипати ја наполнил Универзалната сала. Игор Џамбазов ќе добие награда за животно дело во областа на стендап-комедијата, на Сашко Коцев му се доделува наградата „Стендап суперстар во Македонија“, а на Тони Михајловски наградата „Стендап легенда на Македонија“.
- Оваа манифестација е резултат на четиригодишен вложен труд и креативност во настапите низ Македонија и по девет премиери. Очекуваме таа да стане традиционална. Идејата е да им оддадеме признание на најдобрите во регионот Адрија, плус Бугарија, кои стендапот го работат со љубов. Жал ми е што не успеавме на сите да им доделиме награди, а има многу талентирани уметници. Наградените се избрани демократски на предлог на 30-ина луѓе. Со консензус сите се согласивме вечерта да не зборуваме за политика и за политиката ќе нема ниту еден штос, рече Ромевски од „Стендап Македонија“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа