Богов: Годинава очекуваме раст на БДП од 3,7 отсто

Очекуваме продолжување на позитивниот тренд на пораст на нашата економија што за 2013 година изнесуваше 3,1 отсто. Нашите проценки за оваа година засега се дека растот ќе биде зголемен и ќе изнесува  околу 3,7 отсто. Ова денеска го истакна гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов пред студентите и професорите на Универзитетот на југоисточна европа во Тетово.

- Има повеќе фактори што влијаат врз проекциите што ние како Народна банка ги правиме двапати годишно, во април и октомври  и што ги земаме предвид како што се меѓународните состојби и движење, и движењата и претпоставките за нашата економија. Веќе следниот месец започнуваме со нова рунда на проценки да видиме каде и за колку имаме отстапки од претпоставките и можеби ќе има и ревизија на оваа бројка. Кај инфлацијата проценивме дека таа ќе изнесува 2,3 отсто на годишно ниво и со априлската редовна ревизија ќе направиме проценка и на оваа бројка, изјави Богов.

Како можни ризици што ќе имаат влијание врз прогнозираните бројки за една мала и отворена економија како македонската,  гувернерот Богов ги посочи меѓународните случувањата и особено кризата во Украина и односите помеѓу Русија и западните сојузници.

- Тамошните случувања веќе предизвикаа мал пораст на цените на пченката и пченицата и доколку дојде до ескалација на состојбите и меѓусебни трговски ембарга помеѓу Русија и Западот можен е пораст и на цената на нафтата и оценувањата за пораст на економијата во ЕУ од 1 отсто да бидат намалени што секако ќе има одраз и на нашиот извоз кој главно оди во земјите на ЕУ,  рече Богов.

Според ректорот на УЈИЕ Замир Дика, заедничка констатација на присутните е дека НБРМ сега е поотворена кон јавноста што го докажува и денешното предавање на гувернерот пред студентите кои пак имаа можност во директен контакт со него да слушнат дел од искуствата, видувањата и расудувањата на вистински професионалец во својата област.

 

26.03.2014 - 13:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега