Најмалку 1.200 полицајци и половина милион евра за безбедноста на Обама во Брисел

Американскиот претседател Барак Обама е во посета на Брисел, што почна доцна синоќа, а за неговата безбедност ќе се грижат 1.200 белгиски полицајци и 300 припадници на американските сили за безбедност, а за таа цел од буџетот на Белгија се предвидени половина милион евра.

Обама во Белгија ќе остане помалку од 24 часа. На денешниот состанок на Самитот Европска унија-САД, Обама е придружуван од делегација од 1.200 лица, од кои 200 се новинари. 

Тој и неговата придружба имаат на располагање вкупно пет авиони, два транспортери и пет воени хеликоптери, две лимузини и уште десет автобуси и 35 автомобили, вклучувајќи и возило за брзата помош со операциона сала. Сето тоа ги поттикна медиумите да ја наречат придружбата на Обама - „Икс-Икс-Ел“.

Американскиот претседател кој беше пречекан во воздухопловната база „Мелсбрук“, северно од аеродромот „Завентем“, од кралот на Белгија Филип и белгискиот премиер Елио ди Рупо, најверојатно престојува во еден од хотелите во центарот на Брисел. Полицијата вчера попладне беше распоредена во тој регион на градот, а денеска се очекува тој дел да биде делумно блокиран.

Десетина минути пред и по движењето на американскиот претседател по предвидената маршрута, движењето на пешаците и автомобилите ќе биде прекинато. Затворени се неколку метро станици, а некои автобуски и трамвајски линии ќе ја променат маршрутата. На жителите на Брисел им е препорачано денеска да не ги користат своите автомобили, а можностите за паркирање во центарот на градот се ограничени. 

26.03.2014 - 09:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега