Обама во придружба на делегација со 900 лица пристигна во Брисел
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Барак Обама, вечерва во придружба на делегација од 900 лица пристигна во Брисел, во рамки на неговата еднодневна посета на европската престолнина, јави дописникот на МИА од Брисел.
По следувањето на претседателскиот авион на меѓународниот аеродром во Брисел, Обама, чие присуство предизвикува огромно внимание во јавноста и го закочи целото функционирање на главниот град на Кралството Белгија, се упати во хотелот "Луиз Стејгенбергер".
Според програмата, првиот човек на најмоќната земја на светот денеска се очекува да положи венец во чест на американските војници паднати во текот на Првата светска војна, во присуство на белгискиот Крал Филип и премиерот на Белгија, Елио Ди Рупо.
За утре, пак, предвидено е присуство на Обама на Самитот ЕУ-САД, што ќе се одржи во зградата „Жустус Липсиус" на Европскиот совет, во присуство на Херман ван Ромпуј и Жозе Мануел Баросо.
По ова е предвидена заедничка прес-конференција, по која околу 15:00 часот е закажана посета на американскито претседател на седиштето на НАТО и негова средба со генералниот секретар на Алијансата, Андерс Фог Расмусен.
Во доцните попладневни часови во текот на утрешниот ден, Обама ќе одржи говор за трансатлантските односи и европската безбедност во зградата "Бозар" во центарот на Брисел.
По својот говор, Барак Обама ќе ја напушти Белгија и ќе замине за Рим.
Инаку, од Европската унија посочија дека целата оваа специјална турнеја и посета на претседателот на САД, ќе ја чини Унијата десет милиони евра, што е за 20 пати повеќе од редовниот трошок за одржување на Самит на Европскиот совет во Белгија, кога се присутни сите лидери на земјите-членки на ЕУ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа