Намален бројот на заболени од туберкулоза во Македонија

 

Во Македонија во 2013 година се регистрирани 323 нови случаи со туберкулоза со стапка од 15,7 на 100.000 жители, што е за 32 случаи помалку споредено со 2012 година кога бројот на новооткриени изнесуваше 355 со стапка од 17,2 на 100.000 жители.

Сите пациенти во Македонија имаат достапност до здравствената служба, бесплатни лекови за туберкулоза и бесплатно лекување. Обезбедени се средства за подобра дијагностика на болните и за подобрување на условите за лекување.

Ова денеска го истакна директорот на ЈЗУ Институт за белодробни заболувања и национален координатор за туберкулоза, Билјана Илиевска Попоска на прес-конференција по повод одбележувањето на 24 Март, Светски ден на туберкулозата, кој годинава се одбележува под мотото „Да ги засилиме напорите за да ја елиминираме туберкулозата до 2050“.

Посочи дека лековите за туберкулоза се набавени со помош на Министерството за здравство преку превентивната програма на Македонија.

- Во Институтот е извршено реновирање на Националната референтна лабораторија за ТБ со што таа доби ниво на безбедност 2+ со што се запазени стандардите за контрола на инфекција. Одобрени се средства преку Глобалниот фонд за реновирање и на лаборатории во Тетово, Гостивар, Здравствен дом Скопје со цел подобрување на условите. На Институтот е реновирано одделението каде се лекуваат болните и одреден е дел каде ќе се лекуваат случаи со резистентни форми на ТБ, истакна Илиевска Попоска.

Македонија, нагласи таа, три години е меѓу земјите со ниска стапка на регистрирани случаи со туберкулоза и ги постигна милениумските цели на СЗО во рамки на својата епидемиолошка состојба.

Таа рече дека се намалува бројот на луѓето кои умираат од туберкулоза - во 2012 година тој број изнесувал 28, а во 2013 година 24 со стапка од 1,1 на 100.000 жители.

- За разлика од 2012 година кога имаше 29 болни деца од туберкулоза (8,1 отсто), во 2013 тој број е намален на 23 деца (7,1 отсто). Најголем број болни се постари од 65 години или се на возраст од 45-50 години. Туберкулозата важи за болест на младите луѓе, се јавува најчесто во период кога луѓето се најпродуктивни, кога треба најмногу да работат, посочи Билјана Илиевска Попоска.   

Таа истакна дека има значително подобрена бактериолошка потврденост на болеста, односно да се изолира туберкулозната бактерија во искашлокот на заболените, што значи сигурна дијагноза по која следи соодветно лекување. Потенцира дека во последната година како резултат на новите молекуларни тестови во државата, благодарение на набавка на нова апаратура има значително подобрена бактериолошка потврденост.

- Со тестовите за кратко време процентот на потврдени случаи се зголемува до 70 отсто кај новите случаи, до 80 отсто кај претходно лекуваните, додека потврденоста со култура тест на кој чекаме подолго време има уште повисоки проценти некаде до 90 отсто од испитуваните случаи. Бројот на оние кои повторно се разболуваат во последните две години не надминува 10 отсто. Минатата година од 323 случаи, 33 повторно се разболеа и подлежеа на поинаков тераписки режим, рече Билјана Илиевска Попоска.

Појасни дека во 2013 година, како т.н.мултирезистентни случаи од туберкулоза биле лекувани три случаи од кои еден припаѓал на екстремно резистентни случаи. Станува збор за пациенти во чиј искашлок има туберкулозни бактерии кои се резистентни на два или повеќе од антитубекулозните лекови, кои се тешки за лекување и исходот на нивното успешно лекување може да биде доведен во прашање.

- Во Македонија 90 проценти од новите случаи на туберкулоза се успешно лекувани. Имаме лекови со кои може да бидат лекувани резистентните случаи и кај нив бележиме се подобро успешно лекување, истакна Илиевска Попоска.

Нагласи дека како ризични групи се сметаат затворениците, лица кои живеат во психијатриски болници, зависници од лекови, бездомници, како и ромската популација кај која има намалување на бројот на заболени - од 28 во 2012 година на 18 во 2013 година. Додаде дека во психијатриските болници бројот е константен (четири случаи и во 2012 и во 2013), во затворите во 2013 година биле регистрирани осум болни што е значително повеќе од 2012 година кога бил откриен еден случај, што се должи на скринингот направен со набавката на новиот флуоробус.

Претседавачот на Националниот координативен механизам Христијан Јанкулоски рече дека од 2004 година Глобалниот фонд има потпишано грантови во висина од 27,8 милиони долари за да помогнат во националниот одговор во Македонија кон борбата против ХИВ/СИДА од кои само за туберкулоза добиваат поддршка од околу 10 милиони долари.

- Се што е направено и останува да го направиме до 2016 година е во интенција да се зајакнат превентивните активности, да се подобри изнаоѓањето нови случаи, да се лекуваат и излекуваат, да се работи на намалување на стигмата и дискриминацијата кон луѓето заболени од туберкулоза и истовремено на борба против сиромаштијата, рече Јанкулоски.

Според него, програмите треба да бидат поддржани од сите институции.

- Македонија грантовите  ќе ги заврши на крај на 2016 година. Има уште две и пол години, заедно со сите чинители кои учествуваат во превенција, третман, грижа и поддршка поврзано со туберкулоза и со ХИВ/СИДА, да направиме план за одржливост, кој од 1 јануари 2017 година Македонија треба да го преземе како обврска, додаде Јанкулоски. 

MIA

24.03.2014 - 14:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега