Самарас ќе го менува името
Грчкиот премиер Андонис Самарас планира да го смени името на неговата конзервативна партија Нова Демократија и да ја трансформира во модерна десноцентристичка формација, која ќе се потпира на сегашните основи на партијата, но истовремено и ќе привлече нови личности не само од десницата, туку и од традиционалниот центар, пишува весникот „Етнос“.
Според весникот, Самарас е целосно уверен во потребата од создавање на нова десноцентристичка формација, која ќе биде формирана по изборите за Европскиот парламент.
Уште од првиот ден на својот мандат како лидер на Нова демократија, Самарас ја истакнува идејата дека партијата, основана од Константинос Караманлис во 1974 година треба да прерасне во европска демохристијанска партија поради фактот дека во сегашната форма, таа ги потрошила сите можности.
Лидерот на грчките конзервативци смета дека условите се изменети и дека земјата има потреба од нова поширока десноценстристичка формација.
Со идејата за таквата промена се согласува и претходниот лидер на партијата Костас Караманлис, чиј чичко е основач на Нова демократија.
„Етнос“ пишува дека разговорите во кабинетот на Самарас се во доста напредна фаза и оти првите чекори за создавање на таква партија ќе бидат преземени по евроизборите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа