Мемети: Учесниците во изборите да се воздржат од инволвирање на децата во кампањите
Сите политички учесници во изборите да се воздржат од инволвирање на децата во кампањите за претседателските и предвремените парламентарни избори. Со ваков апел излезе народниот правобранител Иџет Мемети, кој посочи партиите учесници во избирачкиот процес да ги избегнат сите обиди за каква било манипулација и злоупотреба на децата за партиско-политички цели.
- Апелот го упатувам со цел да не се повторуваат случаите од минатите изборни циклуси во кои децата беа користени во политички настани, спотови и билборди. Исто така, потсетувам дека злоупотребата на децата за политички цели се смета за кршење на нивните слободи и права, а со тоа и прекршување на сите меѓународни и домашни правила за заштита на правата на детето, вели народниот правобранител.
Истовремено, Мемети ги повикува и медиумите да се приклучат кон овој апел, со цел одбегнување на можните злоупотреби на децата за политички цели. Во таа насока, според народниот правобранител, медиумите треба да се воздржат од емитување на платени политички програми или пораки доколку во нив се опфатени и децата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа