Иванов ја промовираше програмата: Се раководам од интересите на Македонија и македонските граѓани
Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванив, кој е во трка за втор претседателски мандат, денеска ја промовираше својата програма за претстојните претседателски избори.
-Посветено работев, имав преку 200 билатерални средби со шефови и државници, 150 средби со премиери, претседатели и шефови на дипломатија, 100 средби со високи претставници и верски лидери, 100 официјални работни и неформални посети и учества на меѓународни настани. Бев домаќин на над 40 официјални работни посети на шефови на држави во Република Македонија. Ги промовирав постигнувањата на Македонија, стекнував нови и го продлабочував традиционалното пријателство. Во кабинет примив над 5.000 граѓани и ги слушав и разговарав со нив. За нивните проблеми дознавав лично од нив. Се трудев да помогнам во рамки на надлежностите. Соработував со премиерот на Владата, со министри, но учествував и во економска промоција на Република Македонија. За многу мои проекти имав поддршка од стопанствениците, градоначалниците, професори, научници, спортисти, новинари, волонтери, истакна денеска Иванов пред присутните.
Иванов додаде дека програмата која денеска ја најавува програма на континуитет и доследност во ставовите на државните интереси, со нова енергија и перспективи за Македонија.
- Се раководам од интересите на Македонија и интересите на граѓаните, еднакво како и во програмата во 2009, Македонија да биде држава отворена кон сите, како татковина која лојално и посветено ја градиме како дом за сите нас. Владата гради патишта кои ги поврзуваат селата и градовите, но и со земјите во регионот. Се трудам физичкото поврзување на Македонија со регионот да го надградам со поврзување со луѓе и држави преку економска и политичка поврзаност. Тоа се коридори на државите кои градат заедничка иднина. Во светот ја претставувам вистината за Македонија и создавам нови пријателства, додаде претседателот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа