Путин: До 29 март да изработи план за создавање извршни органи на Крим

Путин и даде на Владата рок до 29 март да изработи план за создавање извршни органи на Крим.

Путин им даде инструкции на руските министерства и агенции да обезбедат спроведување мерки насочени кон воспоставување на федерални, регионални, општински и други извршни одделенија во Република Крим и градот Севастопољ, вклучувајќи усогласување на бројот на вработените во извршните органи со потребниот број, соопшти прес службата на Кремљ.

- Владата треба да го поднесе својот прв извештај по тоа прашање во следните две недели и подоцна извештај ќе поднесува еднаш месечно, се наведува во соопштението. 

Одлуката на претседателот на Русија следеше, откако Путин потпиша уставен закон, со кој Крим и градот Севастопољ се приклучуваат кон Русија како два нови руски конститутивни региони.

Во меѓувреме руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека руското знаме моментално се виори на 189 објекти на украинската војска на полуостровот Крим, два дена откако Путин го потпиша законот.

- Знамето на Руската Федерација е истакнато на 189 објекти и институции на украинската војска стационирана на територијата на Република Крим, се наведува во соопштението на Министерството.

Најновиот случај се однесува на руското знаме истакнато на воениот брод „Славутич“, еден од последните бродови на украинската морнарица, кој синоќа по преговорите со командата на бродот го зазедоа група вооружени лица. 

23.03.2014 - 13:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега